Изјава за медиумите и јавноста на лидерот на опозициониот блок, Зоран Заев, по денешната средба со претседателите на НСДП, Тито Петковски и на ЛДП, Андреј Жерновски
Почитувани граѓани,
Прво драго ми е што од медиумите има ваков интерес, секако знаете дека се одржуваат редовни средби со коалициските партнери, средбите се чести и една од таквите средби е оваа, денешната средба.
На самата средба се разговараше за две работи.
Првата работа е тоа што ги потврдивме нашите ставови. Враќање во Парламентот нема.
Секако петте теми се јасни и на јавноста и на власта, теми за коишто, власта доколку смета може да отпочне преговори. Тоа се темите за медиумите, за разграничување на партијата од државата, темата за пописот, темата за избирачкиот список и изборното законодавство и за техничката влада.
Втората работа за којашто разговаравме е делот на Стратегијата.
Стратегијата на опозицијата е јасна, имплементацијата на четирите столбови е во тек. Новина е тоа што од утре почнуваме трибини низ Македонија, 16 градови се дефинирани, утре е Битола, каде што претставниците на опозицијата, и јас ќе бидам таму присутен од претставници на претседателите на партиите, ќе отвориме дебата со граѓаните дополнително за актуелните политички случувања.