
Игнорирањето на синдикалните барања од страна на Владата и премиерот е погрешен пристап кон проблемот со ниските плати и растечките трошоци за живот.
Наместо дијалог и разбирање, јавноста слуша пораки со кои се минимизираат реалните проблеми на работниците.
Изјавите дека ако денес работниците бараат 600 евра минимална плата, утре ќе барале 800 или 1000 евра, покажуваат сериозно неразбирање на реалноста во која живеат илјадници граѓани.
Во услови на постојан раст на цените на храната, горивата и основните трошоци за живот, барањето за повисока минимална плата е легитимно и оправдано.
Работниците не бараат луксуз – тие бараат достоинствен живот!
Државата не може да се прогласува за „немоќна“ кога станува збор за платите на работниците. Владата има обврска да создава политики кои ќе обезбедат раст на платите, подобар животен стандард и почит кон трудот.
Штом Владата може да отплаќа разлика во камати за кредитите на фирмите од средствата од унгарскиот кредит, тогаш може и да ги субвенционира придонесите за зголемувањето на минималната плата.
НСДП смета дека трудот е капитал и мора вистински да се вреднува.
Достоинствена плата не е претерано барање – тоа е основно право на секој работник.





