10 февруари, 2026
НСДП целосно ги поддржува барањата на Сојузот на синдикатите за донесување закон за повисока минимална плата, како клучен чекор кон севкупен раст на платите и подобрување на животниот стандард на работниците.

Тешката економска состојба во која живеат граѓаните, зголемената сиромаштија, континуираните поскапувања и високата инфлација се повеќе од јасни показатели дека Владата и парламентарното мнозинство мора да покажат одговорност и слух за оправданите барања на работниците.
Трудот на работникот мора вистински и правично да биде вреднуван, со цел секој човек што работи да може пристојно да живее и достоинствено да го издржува своето семејство. Во таа насока, неопходно е Владата да го намали луксузирањето и нерационалното трошење на буџетските средства за непродуктивни намени.
Правото на протест е уставно загарантирано право и работниците имаат целосен легитимитет да го користат како средство за притисок, со цел да ја поттикнат Владата и премиерот да преземат конкретни мерки за зголемување на минималната плата.
Собранието, доколку навистина има чувство за реалната состојба во која се наоѓаат работниците денес, може и мора да закаже вонредна седница за ова прашање.
Потребно е само малку откажување од непродуктивните трошења, затоа што избраните функционери се избрани од граѓаните и имаат обврска да работат во нивен интерес.
Воедно, и приватните компании треба да покажат општествена одговорност и да се откажат од дел од профитот, бидејќи без задоволни и соодветно платени работници, ниту тие не можат да бидат долгорочно продуктивни и успешни.
НСДП и во минатото, како и денес, доследно стои на страната на работниците и целосно ја поддржува нивната борба за повисока минимална плата и за пристоен и достоинствен живот.





