Продолжувањето на праксата за клучните политички теми да се разговара и одлучува на затворени средби на партиски лидери не е во духот на европските вредности

19 јули, 2019

Соопштение за медиумите и јавноста:

Во однос на најавената и одложена лидерска средба на најголемите политичи партии во земјава, НСДП смета дека продолжувањето на праксата за клучните политички теми да се разговара и одлучува на затворени средби на партиски лидери, вон институциите на системот и далеку од очите на јавноста, не е во духот на европските вредности. Уште повеќе, ако се земат во предвид и темите кои беа најавени, како што се судбината на СЈО, изборниот законик и пописот, а кои имаат суштествено значење за понатамошните евро-интегративни процеси на земјата и оценките на Брисел за капацитетот на институциите на системот, тогаш одржувањето на ваков тип на средби е своевидно политичко харикири пред портите на ЕУ. Од друга страна, однесувањето на Христијан Мицковски како претседател на најголемата опозициска партија, заборува за тоа дека тој останува длабоко во сенка на своите ментори кои десет години ја пустошеа државата и го доведоа во прашање кредибилитетот на институциите. Не смее да се дозволи, поради неговото отсуство од Собранието, да се задоволува желбата политичките процеси да се дефинираат и водат надвор од законодавниот дом и на тој начин да се руинира кредибилитетот на државата и нејзините капацитети да се справува со проблемите пред кои се исправени граѓаните.

НСДП смета дека маргинализирањето на Собранието на Република Северна Македонија и исклучувањето на пратениците од третирањето на овие суштествени политички прашања не оди во прилог на државата кога сме во исчекување на датум за отпочнување на преговори со ЕУ. Во овој политички момент мораме да демонстрираме институционални капацитети за решавање на политички прашања и проблеми.

НСДП апелира до лидерите на најголемите политички партии да покажат политичка зрелост и да ја напуштат воспоставената пракса за теми од национален интерес да разговараат и одлучувааат на средби кои немаат, ниту пак може да имаат, своја заснованост на темелните политички принципи содржани во Уставот на државата. На нацијата во овие историски моменти повеќе од потребно и е легитимитетот на политичките одлуки да произлегува од највисокиот законодавен дом и од партиципацијата на сите парламентарни партии.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство