Соопштение за медиумите и јавноста:
Актуелниот формат на преговорите помеѓу четирите политички партии после цела година се покажа дека не доведе до разрешница на политичката криза.
По долготрајните, за јавноста затворени средби, секој од учесниците го соопштуваше и соопштува само својот став и го напаѓа ставот на другите учесници.
Бидејќи преговорите се водат зад затворени врати, македонската јавност, особено оној дел кој не е поддржувач на ниту една од партиите учесници во преговорите, не можеше и не може јасно да го дознае и препознае ставот на ниту една страна.
За македонската јавност да може реално да ги увиди и согледа ставовите на политичките партии во преговорите, НСДП смета дека по едногодишните неуспешни преговори зад затворени врати, созреани се условите за продолжувањето на дијалогот на отворена, јавна сцена. Колку и да се има разбирање за потребата од тајни преговори, бидејќи станува збор и за отворање на прашање од суптилна природа, кои допираат до меѓуетничките односи и криминалната сфера, по истекот на една година сметаме дека своите политички одлуки и ставови учесниците во преговорите треба да ги изложат јавно, на отворена маса. Нема подобар судија од македонската јавност, за тоа кој ги брани националните и државни, а кои партиските и лични интереси. Продолжувањето на дијалогот на јавна сцена може да се организира или во Собранието на РМ или во студио на јавниот радиодифузен сервис-МРТВ.
Повеќе од сигурно е дека сите учесници во преговорите не се подеднакво одговорни за агонијата во која се наоѓа државата. Македонија е доведена во апсурдна ситуација, наместо најодговорните политички партии да понудат најбрзи и најпогодни решенија за излез од кризата, со тајните преговори практично ја внесуваат земјава во уште потешка криза. Затоа сметаме, дека отворањето на преговарачкиот процес кон јавноста, ќе доведе до зајакнување на чувството на одговорност на учесниците и брзо решение за излез од ситуацијата.