ПЕТКОВСКИ: Утрешната седница на Собранието ќе биде само завршен чин на измамничката тактика на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

4 март, 2014
Прес-конференција на Претседателот на НСДП, г-дин Тито Петковски:
tito4mart-685x320
Почитувани,
Однесувањето на владеачките партии во последните неколку месеци и нивната одлука да одат на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во вториот круг, може најкратко да се дефинира со народната поговорка „Сложни свештеници и во петок мрсат“. Истите партнери во 2001 фингираа војна, а сега фингираат криза за предвремени парламентарни избори. Причините пак, зошто го прават тоа во истиот ден со претседателските избори е понижувачко и  недостоинствено и за претседателот на државата и за граѓаните што треба да го изберат.
Откако го признаа поразот на економско поле, посегнаа по националистичка реторика. За нив не се важни ни НАТО, ни ЕУ. Ваква, денешна Македонија е нивниот идеал. Тука си имаат се’ што им треба. Си живеат богато, а на граѓаните им нудат преживување.
Згора на се, Собранието на Република Македонија го претворија во крпа за бришење на сите нивни кашканици.
Утрешната седница на Собранието на Република Македонија ќе биде само завршен чин на измамничката тактика на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а опозиционите партии треба да бидат само декор или соучесник во валканата игра на владеачките партии.
Нивната доктрина на долго владеење, со перманентни избори секоја година, доведе до создавање на антисистем кој сам по себе е есенцијална грешка. Уверени се дека, само со таков систем никогаш нема да бидат победени на избори.
Со етнократијата што ја наметнаа, практично ги срушија основните граѓански права и слободи и човекови вредности. Ја зголемија нетрпеливоста меѓу  Македонците и Албанците, тропајќи со патриотизмот и мавтајќи со знамињата. Во таква ситуација, неминовно ќе се раѓаат конфликти, а ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе ги бранат и заштитуваат едни од други за да владеат што подолго.
Играта на владеачките партии е провидна, но и многу опасна. ДУИ бара консезуален претседател, во спротивно ќе ги бојкотира претседателските избори и ќе бараат предвремени парламентарни избори.
Груевски вели дека: „Нема да дозволи да му се закануваат или да го уценуваат, ниту пак Албанците да му избираат претседател“. Но предвремени избори ќе прифати, само да не успее планот на Ахмети.
И како „освета“ од другата страна следува, датум за избори, тој единствениот што го посакува Груевски. Каква превара! Тоа рационален и чесен ум неможе да го смисли.
И така Македонија продолжува да функционира како „заедница на две племиња“, кои цврсто ги застапуваат интересите на „сопственото племе“. Во таа „племенска битка“ поразен е човекот, како граѓанин со неговите човекови права и слободи, независно од етничкото потекло. И ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ многу добро знаат дека мобилизацијата на етничка основа е многу посилна од мобилизацијата на социјална основа и затоа толку безскрупулозно манипулираат со чувствата на Македонците и Албанците.
Играјќи на национализмот и етничките делби, овие две партии долго опстојуваат на власт, но на штета на државата и граѓаните. Рамноправноста на двете етнички заедници се огледува единствено во нивната заедничка сиромаштија и безперспективност.
И по дваесет и три години самостојност, овие две партии, пред секои избори инсценираат македонско-албанска кавга и предизборна фарса, јавно покажувајќи дека ним партиите им се татковина, а не Република Македонија.
Затоа и сметаме дека вистината за нивната лага и превара мора да допре до што поголем број граѓани, за да ја разберат вистинската нивна природа, после што самите ќе проценат дали треба да имаат доверба во нивната мистичност, непобедливост и лажно месијанство.
 
РЕАКЦИЈА НА СООПШТЕНИЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ ВО ВРСКА СО ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈАТА

на претседателот на НСДП, Тито Петковски
Претседателот на НСДП, Тито Петковски, ги повикува ВМРО-ДПМНЕ јавно да ги соопштат информациите за тоа, со кои високи претставници на ОНА се сретнал за време на конфликтот во 2001 година, како и местото на кое се сретнал со нив.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство