Петковски: Премиерот мисли само на избори, а не каде оди Македонија

25 јули, 2013
Интервју за РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА на претседателот на НСДП, г-дин Тито Петковски:
 tito4_petkovski
Премиерот Груевски не сака да се реши проблемот со името, него го интересираат власт и пари, не го интересира Македонија, вели во разговор за Радио Слободна Европа Тито Петковски, претседател на НСДП. Тој говори и за декемвриската Комисија, за оддалечувањето на Македонија од ЕУ и НАТО, за враќањето кон минатото и за градењето на „надмакедонец“ кој кога ќе порасне е осуден да бега од Македонија.
Ќе ве разубеди ли тужбата тешка 10 илјади евра, да не давате повеќе изјави за името? 
Јас не можам да се откажам од моите идеи од моите погледи, јас се занимавам со политика, да не се занимавам со политика, можеби ќе калкулирам. Но моите ставови се јасни и недвосмислени и ги кажувам затоа што така мислам, друго е како тие допираат до оној на кој не му се допаѓаат, негово е да се однесува на начин на кој се однесува. Јас едноставно мислам дека треба да се говори она што човек интимно го чувствува ако сака да се променат работите или да го соочи својот став, своето мислење со луѓе кои исто така сакаат јавно да изнесат ставови, па да се полемизира со аргументи, да се соочат фактите и да бараме најдобро решение. Ако инаку вака секој што јавно ќе артикулира некаков поглед биде или затворен или финансиски казнет, знаете дека тоа значи дека свесно се убива комуникација меѓу луѓето, тогаш тешко дека ќе може да најдете некој компромис и ќе имате само една вистина на оној што е на власт, неговото се слуша. Тоа е целта на тужбата на Груевски да се замолчи секој што ќе говори спротивно од официјалната политика или од политиката на Груевски. Мислам дека сум премногу искусен за да се плашам или да престанам да говорам јавно.
И Љубе Бошковски беше гласен, па заврши таму каде што е сега. Колку порака –видете што им се случи на нив,  влијаеше не само врз политичарите, туку и врз обичните луѓе да им влеат страв.
Многумина луѓе говореа видете што му се случи на Бошковски, сега слушам велат видете што му се случи на Петковски. Мене да ме казнат јас треба да го продадам станот за да платам, а ако молчам, ниту лук јал, ниту лук мирисал, но јас немам право на таков однос. Во отсуство на комуникација меѓу политичарите сите ние ќе завршуваме на суд, ама тоа е политиката на еден режим којшто сака да наметне една вистина и секој којшто ќе се спротивстави на таа вистина ќе заврши на црна листа или во затвор или финансиски ќе биде казнет. Мораат да се охрабрат многу повеќе луѓе да говорат отворено, а ако се малку ќе завршуваат така, како мене, како Љубе Бошковски, но ако има повеќе храбри да се спротивстават на овој терор, мислам за сите ќе биде подобро.
Ова што се случува сега, партизацијата на институциите на системот јас го дефинирам како вмровски карцином кој метастазира полека во сите пори на македонскиот општествен организам и тоа не може да води кон добро, таков организам мора да колабира, тој не почива на реални темели, не почива на прогресивни идеи, туку на страв, на терор и на заплашување.
Но луѓето како да немаат лек за општествените проблеми и некако како да чекаат пациентот да умре.
Тоа нема да се случи, колку луѓето се повлекуваат, толку дрскоста се зголемува, колку тие ќе почувствуваат дека луѓето се плашат јавно да зборуваат, толку тие ќе бидат пожестоки кон тие луѓе, колку е поголемо сознанието дека казните на суд имаат ефект околу молчењето на луѓето, тие уште повеќе ќе ги применуваат. Но на таква безумна политика мора да и се спротивстави разум. Верувам дека разумот преовладува кај луѓето во Република Македонија. Јас очекувам луѓето да се охрабрат и да кажат стоп на едно безумие коешто владее во Македонија.
Македонија се оддалечува од Западот и некако кокетира со Истокот. Каде се движи Македонија?
Јас мислам дека се движи, но многу забрзано наназад. Ние се враќаме во историјата. Трагично е  што оваа власт ја претставуваат многу млади луѓе, кои би требало да имаат некој младешки занес, да горат од желба да се докажат со своето знаење, способност, но најлошо е тоа што тие станаа апологети не една одамна надмината политика на којашто тон дава директно Премиерот. Анахрона е таа политика вие да се враќате илјадници години наназад , а да ви пропаѓа денешницата и воопшто да не ја гледате утрешнината. За мене како човек којшто е долги години во политиката страшно ме разочарува тоа што не постои таа младешка бунтовност кај првите луѓе во ВМРО-ДПМНЕ. Македонија гради достоинство, гради „надчовек“, гради на темелите на Филип и на Александар еден силен Македонец којшто откако ќе заврши образование е осуден да бега од Македонија. Значи има враќањето назад на Македонија во сите сфери на животот – образование, здравството земете го, медиумите, видете она што се прави со барокот, вие му ја одземате душата на еден човек.
Има ли власта капацитет да ги придвижи работите нанапред?
Во Македонија имаме многу политичари, уште повеќе политиканти, но за жал денеска не можам да видам некој државник со визија кој гледа малку подалеку од хоризонтот, кој може да ги антиципира сите настани и сите можни закани по безбедноста на Македонија да ги пресретнува за да не ни се случуваат вакви незгоди. Одговорно тврдам дека после Киро Глигоров ние немаме државник. Нашиот премиер мисли само од избори на избори, не мисли каде оди Македонија. Ме разочарува и улогата на Претседателот на државата кој требаше да биде балансер на односите, за жал тој се залепи за Груевски и за фотелјата и само им штети, додуша ниту и штети, ниту и користи на државата, веќе дефинитивно е во таа фаза.
Комисијата за 24 декември е блокирана. Вие како долгогодишен пратеник, некогашен претседател на Собранието гледате ли и најмала можност да успее ова работа, со оглед на тоа колку општествените прилики дозволуваат вакво тело да функционира.
Груевски се одлучи на тој, јас велам, вандалски чин да исфрла новинари и пратеници од салата. Тој тоа го прикажа како спречување на обид за пуч. Познавајќи го карактерот на Груевски, ако тој виде, прочита некаде обид за пуч, досега ќе бевме неколку пратеници од опозицијата во затвор. Груевски на ова мораше да мисли на 24 декември кога им нареди на неговите јонуши да исфрлаат пратеници и новинари од собраниската сала. Груевски тоа свесно го направи и тој е најодговорниот за тоа, не се СДСМ, не е опозицијата. Мислам дека Комисијата и не смее да прави трули компромиси, ако направи трул компромис нема да и помогне на Македонија да добие датум за почеток на преговори, бидејќи Европската Комисијата, луѓето што не следат тука, знаат што се случи, тие очекуваат одговорност, за нив Македонија не покажува демократски капацитет. Ние немаме ниту демократски перформанси, ниту човечки ресурси, ниту имаме ниво на реформи за да може да се доближиме до ЕУ. И оваа игра на Груевски практично е најпосакуваната, тој нема никакви сериозни намери да ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО, но за тоа да биде некој друг виновен, не тој.
Колку ќе се смиреа страстите доколку Трајко Вељаноски си поднесеше оставка?
Барем ќе се почувствуваше дека функционира принципот на одговорност, бидејќи Трајко Вељаноски е главниот човек во Собранието и тој е најобјективно одговорен за тоа што се случи и апсолутно како чин на морална одговорност досега требаше да заборавиме дека бил претседател на Собрание, а не така жилаво да се бори да опстане. Ако си поднесеше оставка веднаш, ни Комисијата ќе немаше потреба да постои.
Под притисок на ЕУ беше формирана таа Комисија. Треба ли сега повторно да чекаме на ЕУ да направи чекор за Комисијата да продолжи да функционира.
По она искуството како функционираме како држава, нам секогаш за „палење“ ни треба туркање. Ние не демонстриравме капацитет внатре, нас ЕУ постојано не предупредува на ова што е наша должност. Не треба некој од надвор да ни кажува дека власта и опозицијата за клучните проблеми треба да седнат и да се договорат. Тие инсистираат, но ние немаме енергија, затоа што режимот не сака да разговара со други. Досега во сите клучни моменти на Македонија и биле потребни некој медијатор, некој посредник, некој што укажува уште еднаш каков е нашиот државотворен капацитет. Мислам дека и сега ќе не натераат да седнеме да разговараме, но трагичното е тоа што заканите одат до таму што последиците од оваа налудничава политика ќе ги трпат сите граѓани на Македонија кои не партиципираат во оваа погубна политика.
Што се однесува до прашањето за името, неколку пати сте рекле дека првин е потребен внатрешен компромис, да седнат политичките партии и да се договорат. И СДСМ пред една недела повика на итен состанок на релевантните политички партии на кој ќе се зборува за прашањето за името. Но се останува на зборови.
Освен ако се случи некој силен притисок на големите сили, на Америка и на Европа да дојде до некое сериозно поместување во грчкиот став, да речат Грците епа добро, ајде ве мачевме до сега, отсега нема така да се однесуваме, но тоа може да го очекува само човек кој е наивен, тоа не може сериозен човек да го очекува. Ако Грците 75 години негираат македонска нација и држава, не очекувајте сега за 2-3 месеци тоа да го променат, но на нас ни треба стратегија тоа да го направиме, затоа мислам дека прашањето е наше. Ако ние седнеме во Македонија и се договориме дека името е услов и мораме нешто да направиме,  дајте нешто да направиме., тогаш последиците ќе ги сносиме сите и јас и Груевски и Заев и сите кои учествуваме во политиката. Нема да биде на товар на едни или на други, туку заеднички ќе го браниме, Па еве и неменување на името, но под каков услов. Дајте сите да застанеме, но тој бега од било какви внатрешни договори, од било каков консензус, едноставно него го интересираат власт и пари, не го интересира Македонија. Во овој момент навистина не гледам потенцијал во владејачката партија кој може да направи пресврт, да седне на една маса политичкиот фактор, интелектуалниот потенцијал, бизнис елитата, црквата, џамијата и еднаш за секогаш да го решиме прашањето, до каде Македонија може да оди во врска со ова, така прави одгворната политика, така прават развиените земји, другите прават како нас.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство