Соопштение за медиумите и јавноста:
Вчерашната брутална тепачка во Собранието на Република Македонија помеѓу пратениците на формалниот коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ Демократската унија за интеграција ДУИ и неформалниот коалиционен партнер на Никола Груевски Демократската партија на Албанците ДПА, е резултат на погубните политики на власта за апсолутно владеење, злоупотреба на државните ресурси и контрола на се во државата.
Лагите, триковите и блеферските потези на Груевски пукнаа во Собранието на Република Македонија. Жестоката физичка пресметка токму на темата Буџет и трошење на народните пари е директна последица на пазарењата на Груевски со Ахмети и Мендух Тачи за ветените, а неиспорачани тендерски зделки, како против услуга за подршка на фалсификатот за претседателските и предвремените парламентарни избори.
Повторно Македонија заради моќ, влијанија и „кеш“ е фрлена на маргините на европската демократија. Груевски и Ахмети, заслепени од желбата да останат на власт и да ја зголемат сопствената моќ, а Мендух Тачи заради негови интереси беше принуден да молчи, свесно ги туркаа Македонците и Албанците во постојан конфликт и меѓуетнички тензии.
Како последица на националистичката и шовинистичка реторика на власта во предизборната кампања и многу сличната на ДПА, гореше Скопје, гореше Ѓорче Петров, за на крај за жал, да се случи и крвав меѓуалбански судир во Парламентот на Република Македонија.
Вчера паднаа маските, падна онаа Македонија на Груевски, земи кредит задолжија нацијата, подели ги тендерите со ДУИ, „фрли му коска“ на Мендух Тачи и обвинија опозицијата за се што се случува во државата.
Вчерачните настани во Собранието на Република Македонија само ја потврдуваат исправноста на одлуката на опозицијата за враќањето на пратеничките мандати. Ќе останеме цврсти и доследни на нашите барања и нема да дозволиме никаков обид за манипулација на опозицијата, како што тоа се случи со договорот за „црниот понеделник“ 24 декември, кој што иако беше потпишан со медијаторство на ЕУ, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ го прогласија за тоалет хартија.