Соопштение за медиумите и јавноста:
Никола Груевски уште незакрепнат од „душевната болка“ во врска со името се соочува со уште една афера, овој пат финансиска и тоа вредна милиони евра. НСДП е загрижена како Груевски со ваква низа од „внатрешни немири“ ќе ја обавува функцијата Премиер, соопштуваат од партијата на Тито Петковски.
Од НСДП велат како што ја најавува најголемата двојна победа, Груевски можеби пак ќе се искачел на позицијата Премиер, но мора да сфати дека неговото паѓање започна а нема да заврши со изборите, и дека напротив допрва ќе се претвора во слободен пад во провалија.
Имено против него има сериозни обвинувања за примање поткуп, противзаконско посредување и даночно затајување. Да е оваа држава правна, каква што не е, тој досега ќе беше во притвор за злосторничко здружување, зашто ги исполнува сите услови за тоа. Тој тоа добро го знае зашто под тој изговор досега пикна многумина свои противници и неистомисленици во затвор.
НСДП потенцира дека во голема мера му помогнале „независните“ судии за кои не постојат други докази освен оние кои неговата партиска министерка за внатрешни работи им ги дава на „независните“ јавни обвинители.
Оној минатиот јавен обвинител од спортска кладилница не можеа да го извадат, сегашниов кисне по спортски натпревари и ромски балови па уште не чул за аферата за која сите говорат. Сите сакаат да добијат на време чекајќи изборите сами да го решат случајот, па медиумскиот мрак што ни го подготвуваат потоа да ги покрие трагите од нивните злодела.
Нова социјалдемократска партија посочува дека Никола Груевски не може да ја сфати логиката на времето и дека се има крај, а дека прашање на време е кога неговите поддржувачи за кои мисли дека го почитуваат ќе го надминат стравот и кај нив полека ќе почне да се раѓа љубомора, завист и омраза зашто ќе сфатат дека сето ова време биле влечени за нос.