Прес-конференција на Претседателот на НСДП, Тито Петковски, заедно со избраните пратеници на предвремените парламентарни избори, Горан Мисовски, Соња Мираковска и Љубомир Јосифовски: НСДП им честита на граѓаните што на овие избори храбро излегоа и во огромен број го дадоа гласот за здружената опозиција. За кандидатите на опозицијата за промени гласале 400 000 граѓани. Ако на оваа бројка се додадат и гласовите на останатите партии кои настапуваа опозициски се добива бројка од околу половина милион граѓани кои јасно ја изразиле својата воља за промена на власта. Но за жал и овој пат нивната воља беше изманипулирана. Груевски не покажа ни грам почит спрема овие граѓани.
Токму затоа НСДП како дел од опизицискиот фронт целосно стои зад ставот дека оваа власт перманентно спроведува државен изборен фалсификат. Злопотребувајќи ги институците на системот власта насилно ја менува вољата на граѓаните и на тој начин им прави ненадоместива штета на македонскиот народ и на државата во целина.
Опозицијата со години се бори низ легалните институции на системот да овозможи баланс на интересите на граѓаните кои и на опозицијата и даваат мандати за да ги артикулира нивните интереси. Но македонската јавност па и меѓународната заедница се сведоци дека оваа власт предводена од суетата и комплексите на Никола Груевски ни пет пари не дава за севкупните интереси на сите граѓани и Македонија ја води во политичка диктатура, меѓуетничка поделеност и економска пропаст. Тој очигледно работи за други интереси а не за Македонија.
– За него по изборите беше важно на вулгарен начин да се мајтапи како ја нокаутирал опозицијата заборавајќи дека опозицијата не се само луѓето кои тој ги гледа како душмани, туку половината од неговиот македонски народ. Кој тоа не го гледа е политички слеп или не сака тоа да го види.
– Со оглед на фактот дека на оваа диктаторска власт не и е потребна опозиција во Парлементот што ќе и пречи во спроведување на политичкото насилие, а во недостиг на механизми на заштита од надласување, НСДП (и здружената опозиција) им го отстапува Парламентот на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ да ја водат Македонија онаму каде намислиле да ја однесат.
– Груевски сега има историска шанса од Македонија да направи „Швајцарија на Балканите“ како што говореше неговиот идеолошки татко Ванчо Михајлов. Ние не сакаме да бидеме дел од тоа сценарио и нема да му служиме како алиби на Груевски и на Ахмети во донесувањето закони со кои ќе го променат Уставот, со кои ќе продолжи макединскиот пат во неизвесност, ќе се зациментира застојот во евроатланските аспирации на Македонија, и ќе продолжи егзодусот на Македонците.
– Но, сакаме да ве увериме дека во никој случај нема да дозволиме Никола Груевски неказнето да излезе од криминалната афера што ја отворивме пред изборите. Македонија нема да биде европска држава додека не стане правна држава. Ние не сакаме државата да ја води Премиер обвинет за криминал за посредување, мито и даночно затајувањe.
НСДП нема да дозволи изборите да бидат покритие за криминалот на врхушката на власта. Затоа го повикуваме уште еднаш Јавниот обвинител да не ја замајува јавноста со измислени причини заради кои не сака да покрене истрага и веднаш да започне процедура пред органите на прогонот онака како што тоа го правеле претходно кога станувало збор за нивните политички противници.