28 јануари, 2026
Новата социјалдемократска партија (НСДП) изразува јасна и недвосмислена поддршка на протестите и барањата на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за зголемување на минималната плата и подобрување на економската и социјалната положба на работниците.

Поддршката на НСДП не е дневнополитичка, туку произлегува од долгогодишната и принципиелна определба на партијата за заштита на трудот и работничките права. НСДП отсекогаш го сметала трудот за еднакво важен капитал во општеството, позиција јасно артикулирана и преку политичката платформа „И трудот е капитал“, како и преку конкретни законски и политички иницијативи уште во периоди кога ваквите теми беа маргинализирани.
НСДП беше првата политичка партија во Република Северна Македонија која предложи законско решение за воведување на минималната плата, во период кога мнозинството политички субјекти молчеа или се плашеа да застанат на страната на работниците под притисокот на тогашниот режим на Никола Груевски.
Во 2011 и 2012 година, НСДП беше меѓу ретките политички субјекти кои организираа и учествуваа на Првомајските маршеви, застанувајќи рамо до рамо со работниците на улица, во одбрана на нивните права, платите и достоинството. Овие активности претставуваа јасен политички и вредносен став дека трудот не смее да биде жртва на профитот и коруптивните економски политики.
НСДП потсетува дека како дел од владите во периодот 2017–2024 година, со активно учество во креирањето на социјалните и економските политики, беше постигнато најголемо зголемување на минималната плата во историјата на државата – 22.500 денари. Овој раст не беше случаен, туку резултат на јасна политичка волја средствата да завршуваат кај работниците.
Во услови на зголемена инфлација и раст на трошоците за живот, НСДП смета дека барањата на ССМ за понатамошно зголемување на минималната плата се оправдани и неопходни, и дека државата има обврска да обезбеди механизми за заштита на куповната моќ и достоинството на работниците.
НСДП и натаму ќе стои на страната на работниците и синдикатите, залагајќи се за политики што обезбедуваат достоинствени плати, сигурни работни места и социјална правда, како темелни вредности на едно демократско и солидарно општество.





