22 март, 2026
НСДП алармира дека континуираниот раст на цените на горивата веќе силно се прелева врз цените на храната и основните производи, што претставува директен удар врз животниот стандард на граѓаните. Во услови кога трошоците за живот растат, а приходите не го следат тој раст, економскиот притисок врз домаќинствата станува сè поголем.

Владата предводена од Мицкоски и понатаму не презема навремени и ефикасни мерки за ублажување на ценовниот шок. Наместо активен пристап и заштита на граѓаните, сведоци сме на пасивност која дополнително ја продлабочува сиромаштијата и неизвесноста.
НСДП бара итно намалување на ДДВ за горивата и намалување на акцизата со цел да се намалат транспортните трошоци и да се спречи нов бран на поскапувања на прехранбените производи.
Паралелно со ова, неопходно е Владата веднаш да обезбеди вонредна мерка за доделување на субвенционирана зелена нафта за земјоделците, особено во период кога започнуваат пролетните земјоделски активности, а трошоците за производство значително растат.
Дополнително, потребно е итно исплаќање на заостанатите субвенции од претходните години, со што ќе се обезбеди стабилност и ликвидност во земјоделскиот сектор.
НСДП исто така укажува на потребата од донесување на конкретни мерки за поддршка на социјално ранливите категории, кои се најпогодени од растот на цените и најтешко се справуваат со економската криза.
Истовремено, Владата мора да покаже одговорност и да направи сериозно кратење на непродуктивните трошоци и луксузите во буџетот, насочувајќи ги средствата кон поддршка на граѓаните и економијата.
Без вакви итни интервенции, неминовно ќе следи нов бран на поскапувања и дополнително осиромашување на населението.
Заштитата на животниот стандард мора да биде врвен приоритет, а не одложена обврска.
Време е Владата да преземе конкретни чекори во интерес на граѓаните.





