Наместо навреди кон синдикатите, Владата да понуди мерки за заштита на работниците!

11 март, 2026

НСДП остро реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој наместо да покаже разбирање за тешката економска состојба на работниците, избра да ги навредува и понижува синдикатите и нивните претставници.


Во време на сериозна скапотија, раст на цените на основните производи и пад на животниот стандард, Владата не нуди никакви конкретни мерки за заштита на граѓаните.
Наместо одговорност и решенија, јавноста слуша ароганција, самобендисаност и недоличен вокабулар кој не доликува на носители на највисоки државни функции.
Особено загрижува фактот што премиерот се обидува да ја префрли одговорноста за покачувањето на минималната плата на други. Економско-социјалниот совет е трипартитно тело во кое учествуваат Владата, синдикатите и работодавачите, а не бипартитен процес како што тврди премиерот. Владата има и обврска и можност да биде активен фактор во заштитата на стандардот на работниците.
Доколку Владата може да отплаќа дел од каматата од т.н. унгарски кредит за фирмите кои добија средства, тогаш може и на одреден период да ги субвенционира придонесите кои произлегуваат од зголемувањето на минималната плата. Тоа би било вистинска мерка за поддршка и на работниците и на работодавачите.
Навредите кон синдикатите не се решение. Синдикатите се легитимни претставници на работниците и нивната борба за достоинствена плата е легитимна и оправдана.
За жал, оваа власт предводена од Мицкоски се однесува како да не живее во истото општество со граѓаните. Додека тие уживаат во удобноста на власта и луксузот на функциите, обичните работници се оставени сами да се снаоѓаат како знаат и умеат во борбата со скапотијата.
Време е Владата да престане со навреди и политички етикетирања и конечно да се разбуди и да се врати во реалноста на граѓаните.
Работниците заслужуваат почит, достоинство и конкретни мерки – не ароганција!

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство