21 февруари, 2026
НСДП оценува дека наместо да ги спроведе реформите што Европската Унија ги бара веќе две години, Владата предводена од Христијан Мицкоски ја турка државата кон изолација и конфронтација со Брисел, со реторика што директно им штети на националните интереси и ја оддалечува земјата од европскиот пат.

Над 70% од граѓаните ја поддржуваат европската перспектива на државата.
Наместо јасно лидерство и конкретни резултати во владеење на правото, независноста на судството, слободата на медиумите и борбата против корупцијата, слушаме изговори за „булинг“ и поделби. Тоа не е притисок, туку последица на неисполнети обврски и застој во реформите што Европа со години ги посочува како клучни.
Додека Албанија и Црна Гора забрзано чекорат кон членство во Европската Унија, отвораат и затвораат поглавја и испорачуваат конкретни резултати, Македонија стагнира.
Наместо да го фати чекорот со регионот и да ја искористи јасно отворената перспектива за напредок до 2027 година, Владата избира политика на конфликти со соседите и напади кон ЕУ како одговор на критиките.
Во услови на сериозни безбедносни и корупциски предизвици, сомнежи за политички влијанија врз институциите и ограничување на медиумскиот простор, потребни се суштински реформи и силни, независни институции.
Европската интеграција не е прашање на реторика, туку на работа, одговорност и реални резултати!
НСДП ќе продолжи доследно да се залага за европска иднина заснована на правда, транспарентност и владеење на правото, затоа што Македонија заслужува да биде дел од европското семејство, а не заложник на погрешни политики и изолација.





