На кафе со: Благојче Котески – претседател на НСДП–Битола

17 март, 2014

Интервју за satelite.com.mk на Пертседателот на ОО на НСДП-Битола, Благојче Котески:
Новинар: Младен Ѓоргиевски

DSC 5801

Веќе подолго време ја следам политичката сцена во државата, а посебно случувањата на локално ниво. Меѓу сите тие личности, особено внимание ми привлече претседателот на ОО на НСДП – Битола, г-нот Благојче Котески. Благодарејќи на некои заеднички пријатели, успеав да дојдам до неговиот телефон и да закажам неформална средба. Уште при првиот контакт со него, бев изненаден од неговата непосредност, скромност и отвореност за соработка. После краткиот разговор, тој се согласи и се договоривме да се состанеме следниот ден, пред lounge барот Манаки.

DSC 5784

Движејќи се кон барот, размислував за прашањата кои ги подготвив за интервјуто, но во последен момент се откажав од подготовката и решив разговорот да се одвива непосредно и спонтано.

DSC 5791

Кога пристигнав на договореното место, пред мене стоеше човек со интелигентен и продорен поглед, цврсто држење и сериозен став, зад кој се наѕираше богата внатрешност и нагласена емоционалност. После воведниот разговор, сфатив дека пред мене имам личност со богата биографија и високи квалификации.

Покрај тоа што е претседател на НСДП во Битола и советник во општината, тој е машински инженер со економски постдипломски студии и големо професионално искуство, стекнато на различните патувања низ светот. Отворивме различни теми, а Благојче отворено зборуваше за неговите визии за градот: патувавме низ времето и го коментиравме неспорниот сјај на Битола во минатото и сегашноста. Многу често ги поткрепуваше неговите видувања со различни цитати на многу успешни и мудри личности од светот. Морам да признам дека единствено познато име меѓу нив ми беше името на Стив Џобс.

Беше многу интересно да се слушне како еден инженер ги објаснува на пластичен и едноставен начин космичките и животните вистини низ призмата на квантната механика . Си дозволив да го препрашувам по неколку пати за некои теми за кои сум лично заинтересиран, а во одредени моменти, тој успеа да ги растресе моите убедувања за животот, светот и универзумот.

Еве еден мал дел од нашиот разговор:
-Водите активен професионален живот. Вие сте консултант, претседател на политичка партија и советник во општината. Од една страна сте многу успешен во приватниот сектор, а од друга, многу добро пливате во политичките води. Како успевате да се износите со сите предизвици?
Пред се, јас многу ја сакам мојата работа. Мислам дека тоа е главен предуслов за успех во секоја бранша, неважно дали се работи за приватниот или државниот сектор.

За да успеете во било што, се разбира дека се неопходни ограничувања и истрајност. Ниту еден успех не доаѓа сам по себе. Мислам дека она што го достигнав до овој момент од времето се должи на многу залагање, жртвување и упорност. Иако мојот дневен распоред е прилично збиен, јас со задоволство ја извршувам мојата работа, обврските и должностите. Секој човек кој ќе стигне до одредено ниво од личната реализација, размислува за својот удел во заедницата. Јас ја сакам Битола и битолчани и го давам мојот допринос во реализацијата на побогата и посреќна Битола.

-Член сте на престижниот Ротари клуб – Битола?
Да, и многу сум горд на тоа. Единствен начин да бидете член на таа организација е да бидете поканети. Јас бев поканет и станав нејзин член. Вредностите кои ги застапува клубот се многу добро познати, а вклучуваат исклучително високи етички, професионални и општествени стандарди. Секој од нас се залага за подобрување на животот во нашата заедница.

1978622 10152330283432722 1691509888 n

-Познати сте од младите денови по вашето планинарење и алпинизам. Чинам дека Пелистер е вашата голема љубов? Дали се уште планинарите?
Голем дел од мојот живот е Пелистер и љубовта кон планинарењето. Секој викенд крадам време и одам на планина. Завршив многу курсеви за алпинизам и за спасување на планина, а во студентските денови однесов доста групи на Пелистер како водич.

-Независно од вашата работа, се прашувам каков е вашиот животен стил?

 Јас имам голем број на пријатели, а најблиските меѓу нив се моите другари од детството кои целиот мој живот се покрај мене и заедно ги проживуваме нашите најубави и оние, не толку убави моменти од животот. Јас сум љубител на животните и имам куче – вучјак коезнае да ми го разубави денот и да ме релаксира. Сакам да сум повеќе физички активен – па секогаш кога имам време вежбам Пилатес за да ја задржам мојата кондиција. Се трудам да конзумирам органска храна и да имам здрави навики. Сакам да патувам и ја користам секоја прилика да научам нешто ново.

-Верувам дека вашата работа бара постојана надградба и постојано следење на трендовите. Независно од стручната литература, дали читате и колку читате?
Би сакал да имам повеќе време за тоа, но немам. Поминаа оние денови кога можев да се посветам со задоволство на читањето. Набавувам аудио книги и на таков начин не сум ограничен. Можам да ги слушам каде и да се наоѓам.

DSC 5834

-Ова е кежуал интервју и не би можело да помине без прашање за љубовта. Дали сте во брак? Кое е местото на љубовта во вашиот живот?

(Со насмевка на лицето) Јас сум среќно неоженет и се уште сум во потрага по мојата сродна душа. Љубовта е примарна тема во животот на секој човек, па така и кај мене.

DSC 5884

-Наведен од вашето општествено стоење би сакал да ве запрашам: Кои се основните карактеристики кои се неопходни за остварување општествен успех?
Ова е опсежно прашање и веројатно постојат цели книги кои го обработуваат стратешки и концизно. Морате да имате визија, да знаете во која насока се движите и што сакате да постигнете. Прагматизмот е следна многу важна карактеристика, која многумина ја превидуваат. Да, убаво е да бидете идеалист, но во физичката реалност владеат други закони кои морате да ги почитувате, а тука прагматизмот е неопходен. Потребно е да се совладаат и усовршат општествените вештини кои ќе ви овозможат добра интеракција и стабилен ‘рбет во соочувањето со предизвиците. ..Сметам дека упорноста и истрајноста во реализирањето на замислите е пресудна одлика. Доколку една личност го има тоа, тогаш сите останати карактеристики ќе си дојдат сами по себе.

DSC 5888

Нашиот разговор се одвиваше непречено и стимулативно, па и двајцата изгубивме чувство за време, а нашите обврски не чекаа. Му се заблагодарив на Благојче за тоа што ја прифати мојата покана за попладневно кафе и се договоривме за повторна средба.

DSC 5880

Благодарност до оптика Zeiss

Фото: Михаил Гаџовски

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство