НСДП со сериозна загриженост предупредува дека граѓаните се соочуваат со нов силен ценовен удар, додека Владата предводена од Христијан Мицкоски останува пасивна и без конкретен одговор.

Синдикалната кошничка за последниот месец достигна околу 1.100 евра и е зголемена за речиси 500 денари, што јасно покажува дека трошоците за живот континуирано растат.
Во исто време, цените на горивата бележат значително поскапување, при што дизелот достигнува околу 92 денари по литар, а тој раст директно се прелева врз цените на храната и основните производи.
Дополнителен притисок доаѓа и од светските пазари, каде што цената на нафтата надминува 115 долари за барел, додека природниот гас поскапува за околу 35 проценти. Овие трендови неминовно ќе значат нов бран поскапувања и дополнителен удар врз животниот стандард.
Најпогодени од оваа состојба ќе бидат граѓаните со најниски примања и најранливите категории, за кои секое ново поскапување значи директна закана за основната егзистенција.
Покачените животни трошоци ја обезвреднуваат минималната плата и го намалуваат квалитетот на живот.
Наместо навремени и конкретни мерки, Владата спие и не мисли за животниот стандард на обичниот човек. Не се преземаат чекори за намалување на ДДВ или акцизите на горивата, ниту се нудат ефективни мерки за заштита на најпогодените.
НСДП бара итна реакција и конкретни економски мерки за заштита на граѓаните, бидејќи секое одложување ќе значи продлабочување на сиромаштијата и дополнително осиромашување на населението.
Ако Владата продолжи да молчи, цената ќе ја плаќаат граѓаните – секој ден, сѐ повеќе.





