Ви пренесуваме дел од интервјуто кое претседателот на НСДП, Тито Петковски го даде за Слободен Печат:
Тито Петковски е доајен на македонската политичка сцена. Тој е еден од основоположниците на СДСМ и долгогодишен нејзин висок функционер. Бил потпретседател на Собранието во првиот состав, пратеник во три мандати, а од 1996 година до третите парламентарни избори и претседател на Собранието. Беше кандидат за претседател на државата во трката со Борис Трајковски. Во 2005 година се раздели од соборците и ја формира НСДП. По двегодишно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, се враќа во старото социјалдемократско јато како коалициски партнер од каде дејствува и на овие избори.
НСДП настапува како дел од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ. Каква перспектива ѝ нудите на македонската јавност и со која главна програмска определба ќе ја барате довербата?
– Станува збор за најголемата и најразноликата коалиција составена од 25 партии, кои ги опфаќаат претставниците од сите етникуми што живеат во Република Северна Македонија. Со овој преседан за првпат врзивното ткиво на една коалиција е составено од вредности што потекнуваат надвор од етничкиот дискурс. На тој начин коалицијата „Можеме“ е своевиден потрес на политичката сцена. Ова е јадрото од кое произлегуваат заедничките програмски определби, со кои ќе ја бараме довербата за добивање доволен број пратеници за мандат за формирање влада. Развојна и конкурентна економија, која преку напредни технологии ќе создава нови и добро платени работни места, економски амбиент што ќе биде стимулативен за претприемачкиот и иновативен дух кај младите. Здравствен систем што ќе има капацитет за квалитетно задоволување на потребите на граѓаните, да одговори и на најтешките предизвици, како што е случајот со епидемијата на коронавирусот. Конечно заживување на правниот систем и формирање капацитети за испорачување казни за сите што се огрешиле кон законот, истиснување на политичкиот протекционизам од судската сфера. Недвосмислена и јасна порака за граѓаните дека по полноправното членство во НАТО, со кое стекнавме стабилност и сигурност, ќе го направиме финалниот чекор и евроатлантските амбиции ќе ги заокружиме со членство во ЕУ. Ова се само дел од нашите заеднички, коалициски приоритети, со кои на овие избори истапуваме пред граѓаните и ја бараме нивната доверба за во следните четири години да ја водиме државата и да отвориме реални перспективи за развој и напредок на целото општество.
Целото интервју може да го прочитате ОВДЕ(Слободен Печат)