ГУВЕРНЕРОТ ТРАЈКО СЛАВЕСКИ ЈА ИЗГУБИ ДОВЕРБАТА – БАРАМЕ ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА!

2 ноември, 2026
Трајко Славески еднаш го блокираше Град Скопје, а сега како гувернер на Народната банка, со своите потези и пропусти создава сериозни проблеми и ја загрозува довербата во банкарскиот сектор.
Случајот со АЛТА Банка АД Битола отвори сериозни прашања за навременоста, професионалноста и ефикасноста на надзорот што го спроведува Народната банка.
НСДП бара целосно расветлување на случајот, утврдување на институционалната и личната одговорност, како и транспарентно информирање на јавноста за сите преземени и планирани мерки.
Лична одговорност бараме од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Сметаме дека неговата позиција е сериозно компромитирана и дека најмалку што треба да направи е да поднесе оставка.
Оставка треба да поднесе заради фактот што на 30 октомври гувернерот уверуваше дека банкарскиот систем е стабилен и дека Народната банка секојдневно ја следи ликвидноста, капиталната позиција и изложеноста на ризици на банките, за само еден ден подоцна да следуваа сериозни интервентни мерки.
Вчера, 1 ноември Народната банка воведе привремена администрација во АЛТА банка Битола, а на клиентите им беа најавени ограничувања во располагањето со сопствените средства. Според јавно објавените информации, станува збор за околу 118 милиони евра депозити на граѓаните, додека гувернерот соопшти дека во еден ден биле повлечени околу 2 милиони евра.
По воведувањето на привремената администрација АЛТА Банка информираше дека од денес ги затвора експозитурите за работа со клиенти.
Ова не е обична административна одлука. Ова е сериозен аларм за институцијата чија основна задача е да ја гарантира стабилноста на банкарскиот систем и да ја штити довербата на граѓаните и стопанството.
Народната банка не смее да биде само набљудувач кој секојдневно ја следи ликвидноста на банките, туку мора навремено да препознава ризици, да реагира и да спречува ситуации во кои граѓаните ќе се доведат во неизвесност за сопствените заштеди.
Никој нема право со неодговорност и задоцнети реакции да ја нарушува довербата на граѓаните во финансискиот систем.
Не смееме да дозволиме повторно да се создава чувство на несигурност кај штедачите и да се доведуваат во прашање средствата на граѓаните и компаниите.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство