ДО КОГА ИНСТИТУЦИИТЕ ЌЕ МОЛЧАТ?

3 март, 2026

До кога административните процедури и предметите што стојат во фиока ќе одземаат невини животи?

Мајката и детето ги уби системот – ненавременото реагирање, игнорирањето на пријавите и институционалната неажурност. Каде биле Министерство за внатрешни работи и Центрите за социјална работа кога било најпотребно? Кој требало да постапи и зошто не постапил?

Насилството, во ниту еден облик, не смее и нема да биде толерирано. Секоја пријава мора да значи аларм, а не формалност. Секое одложување може да значи изгубен живот.

За жал, сè почесто сме сведоци на трагедии кои можеле да бидат спречени со навремена и координирана реакција на надлежните институции. Ова не е само индивидуален пропуст – ова е системски неуспех.

НСДП бара итни и транспарентни одговори од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, целосна истрага и утврдување одговорност за секое нереагирање, за секое одложување и за секој пропуст.

Државата мора итно да пристапи кон законски измени со кои ќе се воведат уште построги норми и ќе се воспостави ефикасен, функционален систем за пријавување насилство – систем што ќе гарантира брзо постапување по службена должност на полицијата, координација и навремена заштита на жртвите.

Министерство за внатрешни работи треба да формира посебен, специјализиран оддел за постапување по случаи на семејно и родово базирано насилство, со обучени кадри и јасни протоколи за итно дејствување. Овој оддел мора да биде во постојана и тесна координација со Центрите за социјална работа, со јасно дефинирани надлежности и рокови за постапување.

Животот и безбедноста на граѓаните мора да бидат над секоја бирократија.

Одговорност мора да има. Сега!

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство