5 ноември, 2026

Најновиот Извештај на Европската комисија е сериозно предупредување за состојбите во државата.
НСДП укажува дека наместо очекуваниот напредок, Македонија бележи застој и назадување во повеќе клучни области, со исклучително слаби оценки за реформската подготвеност и исполнувањето на европските стандарди.
НСДП смета дека блокадата на евроинтеграцискиот процес директно ги забавува реформите, ја оддалечува државата од европските стандарди и остава простор за корупција, криминал и партиско влијание врз институциите.
Особено загрижувачки се оценките за независноста на судството и политичкото мешање во правосудниот систем. Правдата не смее да зависи од политичката моќ, а судството не смее да биде инструмент на која било власт.
НСДП предупредува дека европскиот застој има и сериозни економски последици. Неискористените европски финансиски можности и средствата изложени на ризик поради доцнењето на реформите значат помалку инвестиции, послаба инфраструктура и пропуштени можности за развој.
На крајот, сметката ја плаќаат граѓаните преку ниски плати, високи трошоци за живот и влошен животен стандард.
НСДП оценува дека Владата на Мицкоски, наместо да ги исполнува преземените обврски и да ги спроведува реформите, продолжува со политички калкулации, конфронтации и празни ветувања.
Нема напредок во уставните измени, нема доволна реформска динамика, а почитувањето на меѓународните обврски и договори повторно се доведува во прашање.
НСДП бара Владата да преземе одговорност за застојот на европскиот пат, да обезбеди независност на судството, ефикасна борба против корупцијата и криминалот и вистински економски реформи што ќе донесат подобар живот за граѓаните.
Европската интеграција не е партиска цел, туку стратешки интерес на државата. Македонија не смее да губи време, европски средства и развојни можности поради политиката на една влада.
Граѓаните заслужуваат европски стандарди, социјална сигурност, правда и пристоен живот!





