18 април, 2026
НСДП ја поддржува интерпелацијата за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Пратениците на НСДП се потписници на Интерпелацијата бидејќи состојбата во земјоделството е сериозно влошена.
За НСДП, земјоделството и производството на храна се стратешки приоритет за државата. Наместо политики што ќе го зајакнат домашното производство, денес гледаме погрешни одлуки кои го ослабуваат секторот и ги оставаат земјоделците без вистинска поддршка.
Практичните примери се бројни: Македонија се соочува со суспендирани 128 милиони евра од ИПАРД средствата, намалени субвенции за повеќе култури и сточарството, укината авансна исплата на субвенции што ја користеа околу 60.000 земјоделци, како и стопирани програми за мали производители и продажба од куќен праг.
Во услови на раст на цените на горивата, Владата не донесе ниту една вонредна мерка за поддршка на земјоделците. Наместо итно доделување зелена нафта за да се заштити производството, земјоделците се оставени сами да се справуваат со зголемените трошоци.
Дополнително, лимитот за субвенции е зголемен до 1 милион евра, што најмногу им одговара на неколку големи компании, додека малите и средните земјоделци се соочуваат со намалена поддршка.
Дополнителен проблем е и односот на министерот кон земјоделците. Наместо дијалог и разбирање, јавноста сведочи на ароганција и игнорирање на нивните проблеми – дури и ситуации кога министерот гледа во мобилниот телефон додека земјоделците гласно ги изнесуваат своите маки.
НСДП смета дека ова е најслабиот министер за земјоделство од независноста до денес. Затоа ја поддржуваме интерпелацијата како неопходен чекор кон политичка одговорност.
Македонија мора да има политики што ќе го штитат и развиваат домашното производство на храна и ќе им обезбедат достоинствени услови на македонските земјоделци.






