27 март, 2026
Секојдневниот раст на цените на храната и основните производи сериозно го нарушува животниот стандард на граѓаните. Сè повеќе семејства се соочуваат со тешкотии да ги покријат основните трошоци и да обезбедат пристоен живот.

Наместо конкретни и навремени мерки, Владата предводена од Христијан Мицкоски останува без соодветен одговор на ценовниот шок. Ограничените и задоцнети политики не успеваат да го ублажат ударот врз граѓаните, додека инфлацијата продолжува да го јаде семејниот буџет.
НСДП предупредува дека ваквата состојба води кон продлабочување на сиромаштијата и зголемување на економската несигурност. Посебно загрижува фактот што растот на цените не е проследен со соодветен раст наминималната плата и платите, што значи дека трудот на граѓаните сè помалку вреди.
Дополнително, поскапувањето на електричната енергија, парното и горивата создава дополнителен притисок врз буџетите на најранливите категории граѓани. Затоа се неопходни итни и таргетирани мерки за заштита на овие категории, преку директна финансиска поддршка и субвенционирање на трошоците за енергенси, со цел да се спречи продлабочување на енергетската сиромаштија.
Воедно, потребна е и вонредна мерка за поддршка на земјоделците преку доделување на зелена нафта, особено во периодот кога започнуваат пролетните земјоделски активности. Со тоа ќе се намалат производствените трошоци и ќе се обезбеди стабилно домашно производство на храна.
Потребни се итни и сеопфатни мерки кои ќе го заштитат животниот стандард: намалување на даночниот товар за основните производи, интервенции во цените на енергенсите и јасна политика за раст на платите.
НСДП ќе продолжи јавно да се залага за политики што обезбедуваат достоинствен живот, фер вреднување на трудот и реална поддршка за најпогодените категории граѓани.





