НСДП предупредуваше дека ненавременото преземање мерки на Владата ќе доведат до нов бран поскапувања и директен удар врз животниот стандард на граѓаните. Денес, тоа за жал се потврдува.

Цената на дизелот повторно порасна и достигна 95,5 денари за литар, што е јасен показател дека мерките не даваат резултати и дека економската политика се води без јасна насока и контрола.
Граѓаните веќе го чувствуваат притисокот. Активирана е спиралата на раст на цените на храната, при што основните производи стануваат сѐ понедостапни, додека платите стагнираат и ја губат својата реална вредност.
Маслото за јадење, јајцата, овошјето, зеленчукот и месото бележат континуиран раст на цените, што значи дека секојдневниот живот станува сѐ потежок, а семејните буџети се на работ на издржливост.
Недозволиво е во услови на ваква ценовна криза да нема соодветна и навремена реакција од Владата. Наместо конкретни и ефективни мерки, јавноста слуша изјави што не ја отсликуваат реалната состојба.
НСДП бара итна промена на пристапот, со намалување на акцизата за горивата, намалување на даночниот товар врз горивата и основните прехранбени производи, поддршка за земјоделците преку мерки како вонредно доделување на зелена нафта, мерки за помош на ранливите категории граѓани, како и политики што ќе обезбедат реален раст на платите, особено на минималната плата.
Потребни се одговорни и одржливи економски политики што ќе го стават интересот на граѓаните пред сѐ.
Прашањето денес е едноставно – дали граѓаните ќе можат достоинствено да го преживеат месецот?
НСДП ќе продолжи јавно да се бори за економска правда, достоинствен труд и сигурен животен стандард за сите.





