3 март, 2026
НСДП остро реагира на одлуката на Економско-социјалниот совет со која е утврдено покачување на минималната плата од само 1.667 денари, без прифаќање на барањата на синдикатите за суштинско зголемување.

Во услови на изразена скапотија, континуиран раст на цените на основните прехранбени производи, енергенсите и трошоците за домување, ваквото покачување е недоволно и нема да донесе реално подобрување на животниот стандард. Работниците секојдневно се соочуваат со инфлација која ги намалува нивните приходи, додека платите стагнираат.
Јасно е дека барањата на Сојузот на синдикатите на Македонија не се прифатени. Владата повторно не покажува доволен слух за работниците и нивните семејства.
Дополнително, се поставува прашањето за приоритетите на државата. Доколку државата ја субвенционира разликата од 1,95% до 3,25% од каматата за кредитите што фирмите ги добија преку т.н. унгарски кредит, тогаш може и мора да изнајде механизам за времено субвенционирање на придонесите за работниците, со цел да се овозможи повисока минимална плата без дополнителен голем товар врз стопанството.
Работодавачите исто така треба да покажат поголем слух и општествена одговорност. Трудот е капитал! Без работниците нема продуктивност, нема профит, нема економски раст.
НСДП смета дека минималната плата мора да обезбеди достоинствен живот и да ги следи реалните трошоци за живот. Потребен е вистински социјален дијалог и конкретни мерки, а не формални усогласувања кои не ја решаваат суштината на проблемот. Државата мора да застане на страната на работниците.





