ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА Е НЕОПХОДНА ЗА ФЕР ИЗБОРИ, ЗАШТИТА НА СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА И ДЕМОКРАТИЈАТА

10 јануари, 2026

Соопштение за медиумите и јавноста:

Техничката влада мора да остане, затоа што претставува единствена институционална гаранција за спроведување на чесни, фер и демократски избори. Во услови на сериозно нарушена институционална рамнотежа, таа е последната линија на одбрана на слободната волја на граѓаните и на демократскиот изборен процес.


НСДП смета дека укинување на техничката влада може да се разгледува само во услови на зрело демократско општество со силни, независни и департизирани институции. За жал, такви услови денес не постојат. Актуелната власт воспостави агресивна политичка контрола врз клучните државни институции и ги користи за теснопартиски и политички цели.

Техничката влада е од особена важност и како механизам за заштита од злоупотреби во областа на социјалните и работничките права. Во изборни периоди се вршат притисоци и манипулации со исплатата насоцијалните надоместоци, се условуваат ранливи категории граѓани и се користат социјалните политики како средство за политичка уцена. Присуството на опозицијата во техничката влада е неопходно за спречување на овие појави.

Дополнително, техничката влада е клучна за да се запрат партиските вработувања, притисоците врз јавната администрација за време на избори и злоупотребата на државните ресурси, како и манипулациите со исплатата на субвенциите на земјоделците, како и контрола на финансиските исплати и давањето финансиките согласности или задолжувања на државата во функција на изборна кампања.

Во исто време, загрижувачки се обидите за воспоставување партиска контрола врз судството и обвинителството, преку политички притисоци, институционални блокади и законски измени кои ја поткопуваат нивната независност и служат за заштита на криминалот и корупцијата.

НСДП предупредува и на опасноста од партизација и злоупотреба на полицијата, како и на ограничување на слободата на говорот и политичкото дејствување на опозицијата. Во вакви услови, секој обид за укинување на техничката влада не е само неодговорен, туку и опасен по демократските процеси во државата.

Само техничка влада со присуство на опозицијата може да обезбеди институционален баланс, транспарентност и фер изборен циклус, како и реална контрола врз можните злоупотреби на државната моќ.

Техничката влада не е административна формалност, туку суштинска институционална брана против авторитарни тенденции и предуслов за демократски избори.

Во однос на политичкиот дијалог, НСДП јасно укажува дека единствена реална и одговорна тема за лидерска средба е деблокирање на европскиот пат на државата, запирање на стагнацијата и уназадувањето на реформските процеси и враќање на земјата на патот на европските вредности. Сѐ друго претставува замајување на јавноста и обид за прикривање на корупциските скандали и институционалниот распад.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство