
Само задоволни работници можат да бидат успешни, мотивирани и да придонесат за напредок и просперитет на државата. Затоа, секој работник треба да има фер третман од работодавачот, да се чувствува безбедно, сигурно и заштитено на работното место, да има достоинствени услови за работа, а неговиот труд да биде соодветно вреднуван.
Економските и социјалните прашања не можат да бидат оставени на маргините од националните политики, положбата и стандардот на работниците и нивните права се ранлив сегмент кој бара постојана мобилизација на социјалните државни механизами за нивна заштита.
Веруваме дека сите економски и социјални потешкотии кои работниците ги чуствуваат, треба да бидат дополнителен мотив за мобилизација на политичка енергија во Северна Македонија, која ќе се насочи кон посилна институционална заштита и унапредување на положбата и статусот на работникот и неговиот труд.
НСДП продолжува политички да се бори за зајакнување на социјалната држава, социјалната и економската инклузија, за унапредување на правата, стандардот и положбата на работникот, за вистинско заживување на социјалниот дијалог и синдикалното организирање.
Наша задача е да продолжиме да ги поддржуваме заложбите на синдикалните организации, да помогнеме во унапредување на стандардите и условите за работа, со цел сите работници да имаат праведни и еднакви можности за реализација и развој на професионален план.
За НСДП остануваат императиви хуманиот пристап кон работникот и вреднувањето на неговиот труд како неизоставен дел од ланецот на создавање на дополнителна економска вредност во државата.
И ТРУДОТ Е КАПИТАЛ!





