Во ситуација кога нашата држава, како и целиот свет, е потресена од пандемијата на корона вирусот, повеќе од потребно е раководењето со земјата да биде во раце на одлучни, чесни и одговорни политичари, затоа на 15 јули повикајте ги граѓаните да го дадат својот глас за коалицијата „Можеме“, рече пред дел од членовите на НСДП во Кичево Кристијан Трајковски, шеф на Централниот изборен штаб и Организациски секретар на партијата.
Трајковски истакна дека и на овие избори НСДП има својата програма со приоритети кои ќе ги застапува во идната влада која ќе биде формирана од страна на партиите од коалицијата „Можеме“.
„Како партија која е на страна на работникот, на средната класа, политиките кои ќе доведат до унапредувањето на работните односи и пазарот на трудот за НСДП ќе имаат приоритетно значење во работата на идната влада“, рече Трајковски.
Трајковски имаше средба и со членови и симпатизери на НСДП во Охрид, каде беше информиран за предизборните активности кои се спроведуваат од страна на општинската организација.