„Како искрен сојузник на демократијата и промотор на принципот на владеење на правото НСДП во идната влада, формирана од коалицијата „Можеме “, ќе се бори за воспоставување на реални и независни капацитети на судскиот систем за контрола над работата на извршната власт, рече денес пред дел од членовите на НСДП во Тетово, Кристијан Трајковски, шеф на Централниот изборен штаб и Организациски секретар на партијата.
На почетокот од состанокот со едноминутен молк беше оддадена почит на прерано починатиот претседател на општинската организација на НСДП во Тетово, Горан Чавдаровски.
Трајковски истакна дека правосудниот систем во една демократија не може да биде подреден на паритиско-политички пазарења со цел избегнување на одговорност на одредени моќници.
„Во Северна Македонија конечно ќе има правда само тогаш кога обвинителите и судиите ќе престанат да одлучуваат во полза на политичарите, а тоа ќе биде можно само доколку се избираат транспарентно и во строго пропишана процедура, преку која ќе може да се изберат креативни и принципиелни поединци, способни, на морален план доблесни луѓе, кои ќе бидат подложени на целосна проверка на нивната стручност и компетентност. Тоа е позиција на НСДП која ќе ја застапува во идната влада“, порача Трајковски.
Тој ги повика членовите на тетовскиот општински огранок на партијата да продолжат со десегашните активности на промовирање на програмските позиции помеѓу граѓаните како на колицијата „Можеме“, така и на НСДП.
Организацискиот секретар како дел од денешните теренски активности во шестата изборна единица ја посети и општинската организација на НСДП во Гостивар, каде со членовите и симпатизерите на партијата разговараше за текот на предизборните активности и нивната вклученост во промовирањето на коалицијата „Можеме“. По средбата во општинската организација, Трајковски заедно со дел од членовите се упатија на централната трибина на коалицијата „Можеме“, која вечерва се одржа во Гостивар.