Дел од излагање на советникот од НСДП во Советот на општина Кочани, Сашко Стефановски, во врска со покачувањето на цената на водата во Кочани, превземено од Канал8 телевизија:
Покачувањето на надоместокот за канализација од 150 отсто за граѓаните на Кочани нема да биде последно. Според одлуката што минатата недела ја усвои Советот на Општината, тоа ќе продолжи да расте и во наредните години, односно во 2020 година треба да достигне 25 денари за метар кубен.
Таквиот тренд на поскапување помина практично нечујно покрај првичните информации за новите цени на комуналните услуги што ќе стартуваат од 1 јули.
Најголем дел од дискусиите на седницата советниците потрошија за тоа дали поскапувањето на водата и канализацијата е потребно и оправдано, а делот на одлуката што се однесуваше на последователното покачување го потенцираше само советникот Сашко Стефановски.
– Како што рекол нашиот народ “една беља не е беља, повеќе бељи се беља“, а втората беља е во втората точка каде што пишува “утврдената единечна цена од 15 денари од метар кубен за домаќинствата ќе се зголемува по два денари од 1 јули за секоја наредна година, почнувајќи од 2015, а заклучно со 2020 година“. Чок ѓузел, што би рекле моите комшии кои живеат околу џамијата, рече Сашко Стефановски, член на Советот на Општина Кочани.
Порастот на цената за канализација секоја година кај претпријатијата е уште повисок, односно ќе изнесува по 6 денари за метар кубен.
Усвојувањето на одлуката и новината што е вметната во неа значи дека ако и по пет години остане сегашната цена на водата за пиење, тогаш за надоместокот за канализација ќе се плаќа уште 70 отсто од тој трошок. Во образложението за континуираниот пораст на цената стои дека тоа било според препораките од швајцарската агенција СЕКО која е консултант во рамки на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води. Сепак, и за тоа имаше забелешка од советникот Стефановски.
– Во врска со таа пречистителна станица мислам дека намерно не ни дадовте некое образложение, бидејќи станува збор за регионална пречистителна станица, значи на ниво на брегалничкиот, односно Источно планскиот регион. Колку што знам, другите општини немаат донесено одлука да плаќаат, па тогаш се наметнува прашањето зошто од парите на граѓаните на општина Кочани да се финансира проект од кој ќе имаат бенефит сите 11 општини во источно планскиот регион. И зошто ние на соседите од Штип, Карбинци или која општина е после нас, Чешиново-Облешево, да им ја прочистуваме водата и да им ја пуштаме чиста. Ако веќе е регионален проект, нека плаќаат сите заедно, додаде Стефановски.
Одговор на ваквите забелешки немаше, па како што веќе информиравме одлуката беше усвоена, а со неа и новите цени и обврската секоја година граѓаните да плаќаат повеќе за канализација. Уште поинтересно е што за тоа Советот нема да донесува нови одлуки, туку покачувањето ќе се прави по автоматизам.