Советникот од НСДП во Советот на општина Кочани, Сашко Стефановски поставуваше советнички прашања, а во прилог ја пренесуваме дебатата која беше објавена на КАНАЛ8 ТВ:
Разгледувањето на информацијата за почетокот на учебната година во кочанските училишта испровоцира најголем број советници да излезат на говорницата на 24-та седница на Советот на Општината.
Иако вообичаено за жешка тема се сметаат извештаите за извршувањeто на буџетот и неговиот ребаланс, сепак овојпат образованието се најде во центарот на вниманието на дискутантите.
Се започна со забелешката дека инфомацијата од училиштата е некомплетна, односно дека секое од нив напишало само колку професори се со полн, а колку со неполн фонд на часови.
– Многу поважно е да знаеме колку од нив се во редовен работен однос, а колку се под договор. Знаеме дека во првите три месеци вработените во училиштата се повикувани како за итни и неодложни работи, па би сакал од Секторот за образование да добијам конкретна и точна информација колку врботени има во основните и средните училишта во општина Кочани кои се на определено работно време, значи по договор, рече Сашко Стефановски, член на Советот на Општина Кочани.
Одговор на прашањето советникот Стефановски не доби, па повторно побара конкретни податоци, по што дојде до зајадливи забелешки меѓу него и претседателот на Советот.
– Да знаев дека немате податоци и нема да одговорите, немаше ни да прашам, додаде Стефановски.
– Не дека нема да ви одговориме, туку во интерес на работата на Советот на Општина Кочани ќе добиете писмен одговор од стручните служби на Општината. Тоа беше мојот одоговор. Дали сакате да ја злоупотребите говорницата за политички цели, повелете и злоупотребете ја, одговори Јордан Димитров, претседател на Советот на Општина Кочани.
– И сега што да кажеме на ова, го нема ни во Белград, рече Стефановски.
– Кој го влече накај Белград, го спомнува Белград. Ќе ве молам ако имате нешто продолжете, возврати Димитров.
– Добро, Софија е поблиску нели, ама Белград е сепак велеград, одговори Стефановски.
– Никако да дојдеме до тие податоци во образованието, колку има на определено, а колку на неопределено време. Дај еднаш да ги видиме тие бројки, да ги видиме севкупните долгувања, дали на Општината, дали на училиштата, или едно исто е, рече Влатко Трјаанов, член на Советот на Општина Кочани.
Епилог од прашањето на седницата немаше, туку беше ветен како писмен одговор.
– Како може Локалната самоуправа да нема дигитрон и да ги собере бројките на колку луѓе им дава плата, праша Сашко Стефановски, член на Советот на Општина Кочани.
Нивото на дискусиите по точката не спласна ниту по другата забелешка што се однесуваше на бесплатните курсеви по странски јазици што ги организира Општината.
– Општината го плаќа само изведувањето на курсевите, ама поради нив секое училиште мора да работи уште по два часа, што значи дека се зголемени трошоците за струја и пред се за греење, додаде Стефановски.
– Ако мислите дека часови организирани по саат ипол двапати неделно го преоптертетуваат буџертот, беа спомнати парно, струја, мислам дека тоа е апсолутно неприфатливо, барем искажано од луѓе што се вработени во образование, рече Лазо Митев, член на Советот на Општина Кочани.
– Веројатно го правите ова по навика да ги испревртувате работите. Никој не рече дека сме против курсевите. Реков дека не се влезени во извештајот за почеток на учебната година. Исто така, реков дека не се планирани пари за трошоци, за струја и огрев. Не дека не треба да има курсеви, туку да се дадат повеќе пари на школите за да можат директорите полесно да ја организираат работата, возврати Стефановски.
– Значи, ако како Општина можеме да одвоиме средства, да направиме напор и за продолжениот престој да одвоиме средства, па и на таа категорија граѓани да им ги задоволиме потребите. Тоа беше дискусијата, а не дека сме против, рече Лилјана Арсова, член на Советот на Општина Кочани.
На крајот информацијата за почетокот на учебната година во кочанските училишта беше усвоена, а за неодговорените прашања беше ветено писмено известување.