Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, и генералната секретарка, Цветанка Иванова, остварија средба со директорката на швајцарската Агенција за развој и соработка на Југоисточна Европа, Катарина Помпилио, на која присуствуваше и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман.
Присутните на средбата разменија мислења за реализацијата на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), со акцент на бенефитите во однос на функционалноста на законодавниот дом што се очекува да ги овозможи новиот Деловник на Собранието, кој ќе почне да се спроведува од следниот собраниски состав, како и за новата програмска шема на Собранискиот канал, која од неодамна се емитува од ТВ студиото во Собранието.
„Собранието има свој телевизиски канал, а преку ПСП се инвестираше во опрема, кадар и обуки, за да се стави во функција телевизиското студио“, истакнаа Мисовски и Иванова, заблагодарувајќи се за поддршката за сите проекти чија реализација придонесува за поголема функционалност, независност и отвореност на законодавната власт во земјава.
Потпретседателот Мисовски рече дека Собранието повеќе од две децении соработува на различни теми со директна поддршка на Швајцарската конфедерација, преку амбасадата во земјава и Агенцијата за развој и соработка.
„Ние имаме многу причини да кажеме дека оваа соработка е вистинскиот пат. Концептот за добро владеење бара многу работа за да се постигнат целите и приоритетите, но и уште повеќе истото да се задржи и одржува“, рече Мисовски.
Генералната секретарка Иванова нагласи дека еден од највоочливите резултати од соработката со Швајцарија на парламентарно ниво е основањето и развојот на Парламентарниот институт во Собранието на РСМ.
„Постигнавме многу во Собранието, благодарение и на вашата поддршка, при што посебно би го издвоила придонесот на собраниската Служба, кон чие унапредување очекувам да бидат насочени и дел од понатамошните проекти“, рече Иванова.
На средбата присуствуваше и Златко Атанасов, раководител на Парламентарниот институт, како посебна организациска единица во Собранието, кој потенцира целокуопната реализација на проектите од ПСП овозможи одлуките за понатамошен развој на парламентарната демократија да се носат со консензус и разбирање.
Амбасадорката Улман рече дека продолжува соработката и партнерството со Собранието на РСМ. Таа истакна дека досега е многу завршено и дека започнатите и новите проекти ќе продолжат и во следниот собраниски мандат.