21 јуни, 2023
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски денес оствари средба со Делегација Групата за пријателство од Националното собрание на Француската Република предводена од пратеничката Лилијана Танги, претседателка на групата. Во делегацијата се и г. Бертран Сор, заменик претседател, г. Артур Делапорт, г. Винсен Сетлинже, г-ѓата Марин Амеле, придружувани од Н.Е. г. Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија. На средбата присуствуваа и Претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Француската Републи,а г. Александар Николоски и генералната секретарка на Собранието, г-ѓата Цветанка Иванова.

Посакувајќи им топло добредојде во земјата во име на Претседателот на Собранието и пратениците, потпретседателот Goran Misovski особено ја поздрави реафирмираната француска посветеност преку Стратегијата за европска интеграција на Западен Балкан, со што недвојбено се потврдува стратешката ориентација за полноправно членство на нашите земји во Европската унија.
Во контекст на евроатлантските интеграции, Мисовски информираше за исклучително сензитивниот период на земјата во изминатите години и решавањето отворените прашања како со Република Грција, по што земјата стана членка на НАТО и со Република Бугарија, особено во светло на престојниот процес на уставни измени како последна одредница за следната фаза на интеграцијата.
Беше упатен апел за донесување на Резолуција во Француското собрание, по примерот на Германскиот Бундестаг, со која се прати силна порака и поддршка за заштитен македонски идентитет и јазик, а од германската влада се побара да ја повика Бугарија да го поддржи нашиот пат кон ЕУ, во рамките на компромисот договорен со Советот и да се воздржи од дополнителни услови.
Танги изрази особено задоволство од реализацијата на оваа посета, како потврда на динамизираните билатерални односи меѓу собранијата на двете држави и посветеноста на пратениците за взаемна соработка од заеднички интерес.
Во однос на европските интеграции, беше искажана јасна поддршка од пратениците во Националното собрание и помош за текот на преговорите согласно новата методологија на проширување. Г-ѓата Танги го прифати барањето за иницирање на дебата и донесување на Резолуција во Националното собрание од нејзина страна, посочувајќи дека интеграцијата на регионот во целост и на нашата земја е од стратешко и геополитичко значење за Унијата.