Сашко Стефановски реизбран за претседател на Општинската организација на НСДП – Кочани

29 декември, 2015

Во саботата Општинската организација на НСДП – Кочани го одржа четвртото Изборно собрание на кое се одлучуваше за раководните партиски структури на локално ниво.

(Превземено од kanal8.mk – http://kanal8.mk/index.php/mk/3634-sasko-stefanovski-povtorno-pretsedatel-na-nasdp)

kocani10

За претседател на локалниот огранок на партијата беше избран Сашко Стефановски, кој и досега ја извршуваше оваа функција, а делегатите едногласно и ја дадоа поддршката на Рајна Пешовска – Јосифова за претседателка на организацијата на жените ма партијата.

Исто така беа избрани и членовите на Извршниот и Надзорниот одбор, за што сите предложени кандидати добија едногласна поддршка.

На изборното собрание присуствуваше и лидерот на партијата, Тито Петковски, кој е оптимист за работата на партиските органи во Кочани.

– Новата година да ја почнеме со нова надеж, што велат луѓето со многу поголем оптимизам, со очекување дека годината ќе им донесе многу поголема извесност и многу подобри моменти, како и нам како партија се разбира. Смислата ја има да и биде подобро на партијата и на државата во која дејствува таа политичка партија. Дали тоа ќе се случи, не знам, зависи од многу фактори, но клучното е да се надеваме дека до 15 јануари клучниот аргумент што треба да се случи околу извршувањето на договорот од Пржино е да си замине премиерот, односно објективно очекуваме тоа да се случи до 10-ти за да може до 15-ти Македонија да има нова влада, рече Тито Петковски, претседател на НСДП.

Во обраќањето до присутните на Изборното собрание Петковски кратко се осврна и на актуелната политичка состојба во Македонија. Притоа, рече дека премиерот Груевски е главен виновник за лошиот рејтинг што државните органи го имаат дома, но и во странство.

– Односот на меѓународната заедница никогаш не бил понегативен и покритички кон оваа власт, а мислам дека и дефинитивно сфатија дека не можат да аминуваат се што се случува во државата. Но, јас многу не полагам надеж во меѓународната заедница, бидејќи тие делуваат како пожарникари, гасат пожар, локализираат и си заминуваат. Тие на никого не направиле куќа, па не очекувам ни Македонија да ја направат куќа, така што останува ние нашата куќа, нашиот дом ние сами да си го направиме, додава Петковски.

Според Петковски, се создава доволно критична маса и во државата и кај меѓународниот фактор во април да има избори што би биле објективни и Македонија да започне период во кој треба да се консолидира од финансиски, социјален, економски и секој друг вид демократски аспект. Ако тоа не се случи, нагласи тој, државата ќе доживее потреси што никој нема да може да ги контролира.

T. Aјтовски

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство