ПЕТКОВСКИ: Идниот претседател треба да биде државник

15 јануари, 2014

Интервју за Утрински весник на Претседателот на НСДП, Тито Петковски:

tito_utrinski_intervju

ПРАШАЊА:

1.Од оваа временска дистанца, како гледате на вашата кандидатура на претседателските избори?

2. Каков профил на претседател на државата и’ треба во овој момент на Македонија?

3. Како гледате на идејата за консензуален кандидат и колку е таа остварлива?

4. Дали е возможно во Македонија на претседателски избори да победи опозициски кандидат, со оглед на досегашното искуство, кога владејачката партија е секогаш во поповолна позиција?

5. Можно ли е да се случи да пропаднат изборите, поради високиот изборен цензус и условувањата на некои политички партии?

ОДГОВОРИ:

1. Од една временска дистанца од 15 години, и имајќи ги во вид искуствата од досегашните претседателски избори, повеќе е од сигурно дека денес не би прифатил таква кандидатура. Има повеќе причини за тоа. Би спомнал само една, според мене најважна: Наместо збогатени со демократски традиции и повисока политичка култура денес сме сведоци на ниско културно ниво и скромен патриотски капацитет кај оние што ја водат државата и ги организираат изборите. Во услови на целосна ерозија на моралот и невидена харанга против сите што не мислат како власта, со целосна контрола на медиумскиот простор и неограничени финансиски ресурси, нормалниот човек е принуден пред се’ да води грижа за сопственото ментално здравје, како да го сочува него, па дури потоа да размислува за политичка програма и изборен натпревар. Тогаш верував дека Македонија е на добар пат да направи модерна, стабилна и просперитетна држава, во која општествените односи ќе се регулираат на демократска основа, а претседателот на државата, како персонификација на граѓаните им дава тон на тие процеси. Во услови на диктатура денес тоа е едноставно илузија.

2. Мултикултурниот и мултиетничкиот карактер на Македонија, налага избор на претседател, кој во прв план, треба да го има јакнењето на граѓанскиот суверенитет и демократскиот карактер на државната власт. Уставот на Македонија проектира изградба на општество на рамноправни граѓани, без оглед на етничката припадност. Наспроти уставната определба, Македонија функционира како конгломерат на етнички колективитети кои водат повеќе грижа за сопствените потреби, отколку за заедничкото македонско општество. На Македонија и е потребен претседател кој ќе биде во состојба да влијае на создавање свест кај граѓаните за една заедничка интегративна опција, која нема да повреди нечии чувства. Таквиот пристап денес, во Македонија е невозможна мисија, бидејќи македонското општество денес функционира на принципот на „тајфи“ и „племенски заедници“ на чело со „племенски поглавици“, кои си земаат за право да располагаат со „своите“ заедници. Во тој националистички бунар, пропаѓа човекот – поединец како граѓанин. Практично го немаме основниот „градежен“ материјал за изградба на едно цивилно општество. Идниот претседател на Македонија треба да биде државник, да има способност да гледа малку подалеку од хоризонтот и моќ да ги предвидува настаните. Да оди во пресрет на сите можни закани за безбедноста и стабилноста на државата и на време да ги попречува и елиминира. Од историјата е познато дека големите политичари ги водат народите, а малите ги заведуваат.

3. Мислам дека тоа не е добра идеја. Од причините што пред малку ги кажав, претседателот на Македонија треба да има кредибилитет и легитимитет од мнозинството граѓани од сите етнички заедници, но не смее да биде избран само врз основа на договорот на лидерите на две политички партии од различни етнички заедници. Тогаш немаме ни избор ни избори, а претседателот ќе биде без сопствен личен интегритет. Не може да биде претседател на сите граѓани. Консензуалниот избор на претседател до крај ќе ја релативизира претседателската функција и ќе ја направи непотребна за непосредни избори.

4. Зошто да не, доколку и покрај се’ власта, даде приоритет на европските перспективи на земјата и се одлучи да спроведе слободни и фер избори. Па и во 1999 година, јас бев кандидат на опозицијата и по првиот круг водев со 140.000 гласа пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, но во вториот круг се случи флагрантен фалсификат со насилно полнење на кутиите. Точно е тоа дека владеачката партија е во поповолна ситуација и редовно ги злоупотребува државните фондови, буџетот и медиумите, но е повеќе од сигурно дека опозициското расположение расте се’ повеќе.

5. Цензусот не е висок, туку се многу ниски очекувањата од претседателот онаков каков што го имаме денес. Тој засега е само уште една алка во тотално партизираните и заробени државни институции. Доколку се случи, заради наводно високиот ценсуз, да не биде избран претседател на Македонија, тогаш самите граѓани ќе одлучат дека на Македонија не и’ е потребен претседател со таков статус на непосредни избори и ќе се оди на други варијанти.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство