Средби на претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски со граѓаните на Дојран, дојранско и Богданци
Вие ни донесовте убав ден. Со овие зборови граѓаните на Дојран го пречекаа претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски.
Граѓаните отворено разговараа и ги споделуваа со Пендаровски своите проблеми што им го отежнуваат секојдневнието.
-Не пропаѓа ниту Америка, ниту Европа, да пропаѓаа немаше вашите деца да го бараат лебот таму. Сега е вистинскиот момент да ја вратиме композицијата Македонија на вистинската пруга, по вистинскиот пат. Да го вратиме животот во Македонија, порача Пендаровски.
-Посетив многу градови во Македонија, секаде се чувствува желбата на граѓаните да живеат подобро, додаде Пендаровски.
Дојранчани љубопитно го прашуваа Пендаровски за неговиот политички ангажман и за неговата визија за Македонија. Граѓаните пратија јасна порака дека не веруваат на, како што рекоа, владејачката пропагандна машинерија.
-Се затворивме како во едно трло, каде што има само еден екран на којшто има една слика, само една вистина.
А вистината во Македонија, ќе ја вратат само вистински луѓе. На Македонија и се потребни нови лица и нов свеж политички концепт, рече Пендаровски.
Нас не ни требаат реклами, сами на свој грб ја чувствуваме тежината од тешкиот живот, зборуваа жителите од село Николиќ.
Пендаровски им потенцираше на граѓаните дека има за цел да биде гласен претседател. Директно да влијае на сите политики коишто треба да го унапредат животот на обичниот граѓанин.
Во Богданци Пендаровски беше пречекан од голем број граѓани, кои побараа нов почеток за Македонија.
-Мобилизирајте се политички, за Македонија да тргне напред, повика Стево Пендаровски, кандидат за претседател на РМ.