Средби на кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, со жителите на Злетово и Пробштип
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска оствари средби со жителите на Злетово и Пробиштип. Во рамките на посетата на Злетово, жителите на ова населено место го пречекаа со позитивни реакции и верба во промени.
„Има лек за болеста што ја мачи Македонија. Се вика Стево Пендаровски“, истакна една повозрасна госпоѓа, жителка на Злетово во разговорот со кандидатот за претседател, кој денеска го посети ова населено место.
„Мојот внук, кој е факултетски образован, мораше среќата да си ја бара во странство. Од како паметам за себе, не било полошо. Затоа сите се надеваме на промени во оваа наша држава.“, му се довери госпоѓата на кандидатот Пендаровски.
„Сегашната власт нагло го уништува Злетово. Сѐ оди надолу. Мора да се сменат работите за Злетово повторно да се развива. Од место со над три илјади жители, се преполовивме на нешто повеќе од илјада“.
„Со оваа власт едни добиваат богата трпеза, а други само трошки“, истакна кандидатот за претседател Стево Пендаровски, со што укажа на големата социјална расслоеност и на потребата за нејзино искоренување.
Пред злетовчани Пендаровски рече дека не ветува брда и долини, туку нови политики со кои Македонија ќе сврти нова страна за нов почеток.
По завршената посета на Злетово, кандидатот за претседател, Пендаровски, се упати во соседен Пробиштип, каде беше пречекан од спонтано насобраните жители на плоштадот во овој град.
Пендаровски се обрати пред насобраните жители и го објасни својот концепт за враќање на достоинството на граѓаните и на државата.
„Државата е партизирана“, истакна Пендаровски. „Си чуваат фотелји, а ни малку не се грижат за Македонија. Мојата визија е Граѓанинот пред сѐ, затоа што државата без луѓе не може. Ова можеби ни е последна шанса да ја зачуваме Македонија“, им зборуваше Пендаровски на пробиштипјани на нивниот плоштад.
„Нема друго чаре. Прави што ќе правиш, гледај да ни донесеш победа“, му се обрати на Пендаровски еден од насобраните граѓани.
„Со среќа и голем успех“…. му порачаа пробиштипјани на крајот од средбата. Доцна попладнево Пендаровски ќе оствари средби и со жителите на Карбинци и Стар Караорман.