ОФАНЗИВА НА НСДП ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КОЧАНИ: Училиштата немаат пари за нормално функционирање, а направиле трошоци над очекувањата

19 март, 2015

Сторија на КАНАЛ8 ТВ од Кочани за активностите на Советот на општина Кочани и дискусија на советникот од НСДП, проф. Сашко Стефановски:

sasko_stefanovski

Завршните сметки на основните и средните училишта за минатата година покажуваат натрупани долгови и финансиски проблеми што тешко можат да се надминат.

Блок-дотациите што образованието ги добива од државата се со однапред определена сума, па училиштата се ставени во ситуација да бараат начини за самофинансирање за да можат некако да функционираат, но и во тој случај се во нерамноправна состојба.

Такви беа констатациите при разгледувањето на завршните сметки на образовните институции во општина Кочани на последната седница на Советот.

– Одредени училишта менаџираат со спортски објекти каде што се гледа и видливо е во овие завршни сметки дека имаат најмногу за самофинансирање, односно за сопствениот буџет што го полнат со овие пари. Е, сега, нормално е дека на тој раководител му е полесно да менаџира, за разлика од некој што нема ништо. Еве, конкретно ќе се задржам таму каде што најмногу ми остави впечаток, во ставката за самофинансирање ОУ “Раде Кратовче“ има 18.000 денари. Што ќе направи тој директор со тие пари, прашаЛилјана Арсова, член на Советот на Општина Кочани.

За да се подобри состојбата во училиштата, неопходно е и Општината финансиски да им помогне, затоа што се во нејзина надлежност, додаде Арсова. Констатација беше дека не е проблем само висината на пари што се даваат, туку и начинот на кој тие се распоредуваат.

Од друга страна, забелешка имаше за начинот како се трошат парите за основните потреби за функционирање на објектите.

– Колку простории се загреваат на дрва во ОУ “Св. Кирил и Методиј“? Според парите што се потрошени за загревање на дрва, една импозантна сума, 360 илјади денари. 150 метри кубни можат да се купат со тие пари. Ако имаме предвид дека се загреваат 11 простории на дрва, испаѓа дека за секоја соба се потрошени по 13 метри кубни дрва за огрев. Ако тое е нормално, тогаш е ненормално во другото училиште. За 13 простории “Никола Карев“ има потрошено 200 илјади денари, двојно помалце, 80 кубни метри. Тука јас не гледам никаква логика, рече Сашко Стефановски, член на Советот на Општина Кочани.

Освен за дрва за огрев, според Стефановски, високи трошоци се направени за печатење, за меѓународни телефонски разговори и набавка на средства за хигиена, како што е кај основното училиште во Оризари, за што побара образложение.

– Санитарни јазли во училиштето, во централното, има 10, при што се во руинирана состојба и поради тоа бараат повеќе средства за чистење од вообичаеното. Значи, не се реновирани санитарните јазли од 1974 година, па потрошувачката на дезинфекциони средства е поголема, рече Катерина Михајловска, директор на ОУ “Крсте П. Мисирков“ – Оризари.

– 40 години децата одат во санитарни јазли што се необновени. Па, како тој санитарен инспектор воопшто ви дава дозвола да работите? 40 години. Апел, градоначалник, првото што ќе се направи следно во Оризари е да се среди ова. Повеќе ќе им значи од темелите на спортската сала, рече советникот Стефановски.

Беше упатено барање во рамки на можностите Локалната самоуправа да им помогне на училиштата за да можат барем приближно нормално да функционираат.

Поради недостаток од конкретни информации за долговите на образовните институци, опозициската советничка група не даде поддршка на нивните завршни сметки, но тие сепак беа усвоени со позитивното гласање од страна мнозинтвото.

Т. Ајтовски

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство