Обраќање на потпретседателот на Собранието Мисовски на отворањето на 52. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“

27 јули, 2022

Почитувана министерка за култура, г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска,
Почитувани колеги пратеници,
Почитуван градоначалник на Битола, д-р Тони Коњановски,
Екселенции,
Почитувани изведувачи,
Драги пријатели и љубители на народната музика и игра,
Дами и господа,

Дозволете од име на претседателот Џафери и од име на Собранието на Република Северна Македонија да изразам искрено задоволство што вечерва ја имам честа да бидам присутен на отворањето на 52-иот Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, или како што е популарно наречен „Битфест“.

Собранието на Република Северна Македонија, како претставнички дом на граѓаните, вечерва е тука во едно поинакво, благородно својство, односно е горд покровител на фестивалот. Меѓу главната, законодавна надлежност и оваа вечерашнава надлежност на Собранието, има суштинска разлика, меѓутоа, има еден заеднички именител, а тоа сте Вие, граѓаните. Вие имате право и заслужувате да имате убав, достоинствен живот и ако законите кои се донесуваат во Собранието се во насока на олеснување на Вашето секојдневие, тогаш, ваквите културни настани се потребни за ставање на шлагот на тортата или пак додавање на дополнителна нишка убавина и благопријатно чувство на споделување на пријатни мигови. А кога споделувањето е вакво, традиционално, долговечно, меѓу пријатели, уметници и изведувачи од сите страни на светот, како што ги имаме вечерва, од Соединетите Американски Држави, од Мексико, Колумбија, Шпанија, Италија, Полска, Бугарија и се разбира, Република Северна Македонија, нам единствено ни преостанува да се препуштиме и да уживаме со сите чула, следејќи ги нивните настапи со должно внимание и почит, при тоа, учејќи и запознавајќи нови димензии на човечкото коегзистирање и заедничко славење на животните радости.

Почитувани присутни,

Несомнено дека  во деновите што следат, градот на конзулите – Битола и се разбира Широк сокак кој што срдечно и топло ги рашири рацете и ги отвори портите за да ги прими во своето недро сите овие автентични претставници на светската фолклорна ризница, ние и сите љубители на народната музика и игра ќе бидеме сведоци на изведувањето на прекрасните изворни звуци, игри, танцови и ќе можеме да видиме традиционални носии кои ќе се дополнуваат помеѓу себе и сето тоа заедно ќе ни приреди волшебна ноќ во која барем за миг ќе отпатуваме во нивните светови, култури, обичаи. Однапред се радувам на убавиот, природен, лесен и ненаметлив начин, а толку благопријатен за очи и душа на кој ќе ја пренесуваат до нас универзалната порака на прифаќање и почитување на различностите, затоа што музиката, фолклорот и игрите, иако универзална цивилизациска категорија и дел од светското културно наследство, во исто време претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет на секој народ. Со тоа, тие стануваат вистинските амбасадори на културното богатство на својот народ. А секој народ има нешто посебно со што се гордее и што му ја грее душата, нели? Секако и ние имаме вредности кои нашите предци векови наназад знаеле и успеале да ги сочуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации како дел од нашиот национален и културен идентитет. Ете и вечерва, сме почестени со маестралноста на Културното уметничко друштво „Илинден“ кои ни приредија вистинско уживање со орото „Комитско“, а јас сум убеден дека тоа е само еден мал дел од фестивалската програма за која се погрижија да ја збогатат раководството и службата на Националната установа „Центар за култура – Битола“. Дозволете да ја изразам мојата почит и благодарност за нивната посветеност и несебичен ангажман со што на достоинствен начин ја продолжуваат и одржуваат во живот оваа традиционална манифестација на која се преплетуваат културните мемории на земјите од кои доаѓаат изведувачите, преку спецификите на ритамот и мелосот, разиграното шаренило на автентичните везови и фолклорни детали. Со тоа се потврдува и нашата отвореност и почит како земја кон фолклорните и културни вредности на другите а јас ве уверувам дека Собранието на Република Северна Македонија ќе биде секогаш до Вас и со Вас во напорите за чување и промовирање на Фестивалот „Илинденски денови“ кој што е единствен фестивал во земјава со сертификат во рамките на УНЕСКО.

Почитувани гости,

Драги пријатели,

Со убави мисли и желби, го прогласувам 52. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ – отворен!

Ви благодарам и Ви посакувам убава вечер!

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство