НСДП: Најголем приоритет да добијат вложувањата во човечкиот капитал

8 јуни, 2021

На 29.05.2021 година Владата на Република Северна Македонија го претстави Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 година. Планот содржи јавни и приватни инвестиции во вредност од 8 милијарди евра, од кои 5 милијарди и 791 милион евра јавни инвестиции, додека 2 милијарди и 384 милиони евра се планирани приватни инвестиции. Во однос на распределбата на средствата, планирани се инвестиции во делот на енергетиката, патната и железничката инфраструктура, преработувачката индустрија, малопродажбата, јавното здравство, животната средина, туризмот и сл.

Немаме намера да го оспоруваме, независно што еден добар дел од инвестициите се најавуваат со децении и никако да започне нивната реализација. Би биле среќни доколку нивната реализација започне токму во овој временски период(2021-2027).

Она што сметаме дека не е добро и не е од „највисок интерес на граѓаните“ е можноста за приватизација на планини, реки и друг вид на природни богатства, по основ на јавно-приватно партнерство со минимално учество на државата. Реализацијата на проектите со кои целото општествено и природно богатство ќе заврши во рацете на малкумина моќници, сметаме дека ќе предизвика тектонски пореметувања во развојот на македонската држава и македонското општество. Безскруполозна трка по профит и моралната неодговорност на мала група на луѓе кои ќе поседуваат огромен капитал, целосно ќе го деградираат нашето природно богатство и уште повеќе ќе го продлабочат јазот меѓу богатите и сиромашните.

Клучен проблем е што носителите ва власта на локално и централно ниво не прават разлика помеѓу јавно и приватно добро. Не поставуваат граници помеѓу интересот на целото општество и интересот на одредени тесни групи. Основниот морален концепт, којшто суштински влијае врз начинот на кој во економска, правна, политичка и секаква друга смисла се управува со едно општество е одамна загубен. Неспособноста, некадарноста и незнаењето и понатаму претставуваат наш најголем проблем.

Токму поради тоа, не потценувајќи ниту еден проект од Интервентниот план, предлагаме, за најголем приоритет и од најголемо капитално значење треба да имаат вложувањата во човечкиот капитал. За нас, капитална инвестиција е она што во иднина ќе го носи развојот на економијата и општеството во целина.  Вложувањата во квалитетно образование, квалитетно здравство и социјални пакети наменети за сиромашните и намалување на нееднаквоста во општеството, треба да имаат приоритет над сите други приоритети. Образованието е сфера од која може да произлезе силата која може да изврши радикална трансформација на основите на нашето општество.

Сметаме дека во овој момент и на постојното ниво на развој на македонското општество, вложувањата во човечкиот капитал, треба да имаат предност пред вложувањата во инфраструктурата. Несомнено дека во поглед на инфраструктурата, Северна Македонија сериозно заостанува зад развиениот свет и се неопходни инвестиции за да се доближиме до нивниот стандард. Но, во вложувањата во човечкиот капитал Северна Македонија не сразмерно многу повеќе заостанува. Европа пред се е култура на живеење и систем на навики, правила и вредности,  сето тоа се учи и се пренесува од генерација на генерација како традиција и започнува уште од најраното детство.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство