Министерката Апостолска се сретна со германскиот амбасадор Герберих

28 мај, 2018

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, вчера(понеделник 28 мај 2018 година) во амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје оствари работна средба со германскиот амбасадор Томас Герберих.

31012018125352_web_zorica_apostolska_minister_(1)

На средбата се разговараше за економско-трговските релации помеѓу двете земји, можностите за нивно понатамошно унапредување и поголемо искористување на потенцијалите за инвестирање во Република Македонија од страна на германски компании.

Заеднички беше констатирано дека досегашната економска соработка помеѓу двете држави е на високо ниво, за што освен одличната трговска соработка зборува и фактот дека во Македонија работат околу 200 фирми со германски капитал, во кои се вработени над 20 илјади луѓе. Германија и Македонија во 2017 година остварија трговска размена од 3,15 милијарди евра.

Амбасадорот Герберих потенцираше дека стабилизацијата на политичката клима, работата на реформскиот процес, особено обезбедувањето на правна сигурност се значајни фактори за германските компании да инвестираат во Македонија, и очекува дека позитивниот тренд во економските релации помеѓу двете земји ќе продолжи и понатаму.

Министерката Апостолска го информираше амбасадорот дека неодамна на сила стапи Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кој овозможува стимулирање и поддршка на странските и домашните компании, на еден транспарентен и недискриминирачки начин, да започнуваат нови инвестиции во земјава.

Од страна на германскиот амбасадор и министерката заеднички беше оценето дека Германија е значaен политички сојузник на Македонија на патот на европските и евро-атлански интеграции и напредокот што го прави земјава во приближувањето кон ЕУ и НАТО.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство