Во рамки на теренските активности кои претходеа на денешната редовна седница на Владата на Република Северна Македонија, која се одржува во Охрид, министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска ја посети печатницата „Коста Абраш“, која минатата година склучи договор за користење на мерки од Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Изразувајќи задоволство што посети уште една успешна домашна компанија која ја препозна стимулативноста на мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, министерката Апостолска истакна дека низ транспарентна постапка, со јасни и јавно достапни критериуми, без преговарања, се изедначени домашните и странски компании во пристапот до финансиски средства за реализација инвестициски проекти.
На средбата со менаџментот на компанијата, стана збор и за проблемот со недостаток на квалификувана работна сила, при што министерката Апостолска посoчи дека Владата води комплементарни процеси за поддршка на индустријата, на приватниот сектор.
„Од една страна ги поддржуваме компаниите во унапредување и развој на производството, а од друга страна им ја зголемуваме достапноста на мотивирана работна сила преку дуалното образование и поддршката за исплаќање на повисоки плати. Го стимулираме растот на платите во приватниот сектор, со цел зголемување на мотивацијата кај работната сила да остане во индустријата. Во оваа насока како пример може да го наведеме субвенционирањето на придонесите од задолжителното осигурување за компаниите кои ќе ги покачат платите до 6.000 денари досега го искористија над 20.000 компании или вкупно 106.000 вработени во приватниот сектор добија зголемување како резултат на оваа мерка“, истакна министерката Апостолска.
Посетата на компанијата министерката Апостолска ја искористи да направи обиколка на фабриката, да се запознае со производствениот процес, кој вклучува печатање и изработка на учебници, книги, разни видови на обрасци и други печатени материјали, изработка на амбалажа за прехрамбени производи, амбалажа за лекови.