6 октомври, 2025
Генералниот секретар на НСДП, Мики Милковски присуствуваше на промоцијата на кандидатката за градоначалничка на Велес и советничката листа на којa кандидат од НСДП е Петар Маџаров.

ДПМНЕ не направи ништо за Велес, време е да им го вратиме градот на граѓаните.
Кандидатката за Градоначалничка Маја Хеско, од трибината во Велес, ја презентираше својата програма , со која вели дека Велес повторно ќе стане град каков што заслужуваат жителите, спротивно на она што денес е реалната слика на градот.
Велес е запоставен и заборавен од централната власт, поминува низ тешка криза и веќе сериозно заостанува во развојот во споредба со околните општини како Штип и Кавадарци, иако некогаш беше далеку пред нив. Запуштен, заборавен, нечист, со сообраќаен хаос, загадена животна средина, со запуштени паркови и со градоначалник кој го шминка само централното градско подрачје, а ги запоставува останатите делови од градот и селата, рече Хеско.
Против овој тренд на занемареност, пропаѓање и манипулации од власта, Хеско ја претстави својата визија и план за Велес.
Имам конкретен план и програма, кои се амбициозни, но со макотрпна и чесна работа се остварливи. Ќе работам со висок интегритет, чесно и одговорно, за сите граѓани, без поделби.
Во програмата на Хеско за градот се вклучени крупни и долгорочни проекти, како изградба на нова комунална инфраструктура, инвестиции во образованието, грижа за старите лица, дигитализација на општинските услуги, воведување јавен превоз со еколошки возила, реконструкција на спортските објекти, спас на езерото Младост, инфраструктурна револуција со мостови, заобиколници и урбано ширење на градот.












