Интервју на директорката на Централниот регистар на Северна Македонија, Марија Бошковска Јанковски за Стандард.мк:
Од вашето преземање на функцијата Директорка на Централниот регистар, кои механизми се воспоставени за подобрување на состојбата во ЦРМ?
Уште од самото преземање на функцијата започнавме со креирање на мисија, визија и начела по кои се водиме во работењето. При спроведувањето на владините политики целосно ги применуваме меѓународно прифатените стандарди, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на услуги за крајните корисници. Ме радува фактот што јавноста веќе ја препознава оваа институција како една од водечките во регионот, а и пошироко, токму поради фактот што фокусот на сите развојни чекори кои се превземаат се граѓаните, потребите на бизнис заедницата и олеснувањето на процедурите за отпочнување на бизнис. Тоа ни дава за право да се пофалиме со силна сервисна ориентација и целосно стекната доверба кај деловната заедница.
Напорно работиме на подобрување на Онлајн системите и сервисите, електронското поднесување на годишни сметки, уписи на основања, промени и бришења во трговскиот регистар, надградба на Интернет дистрибутивниот систем, преку кој информациите за правните субјекти се 24 часа достапни, а целта на сите активности кои ги превземаме е сигурноста на субјектите во правниот промет.
Како институција која е сервисно ориентирана и која пред се се грижи за потребите на граѓаните, како исклучително битна мерка која ја воведовме е формирањето на техничката помош во Централниот Регистар. Имено, по спроведувањето на кампањата за промоција на можноста физичко лице самостојно да регистрира ДОО, ДООЕЛ и ТП, да регистрира самостојно работно време, но и да изврши промена по електронски пат, одлучивме да формираме Одделение за техничка помош, кое планираме во иднина да го развиваме во служба на граѓаните.
По одржувањето на Светскиот форум на бизнис регистри во Скопје и Охрид во април оваа година, Централниот регистар го позициониравме меѓу првите 5 најуспешни институции од областа на својата дејност, што е од фундаментално значење за иднината на оваа институција и меѓународните проекти кои веќе ги започнавме како резултат на Меморандумите за соработка.
Централен регистар на Република Северна Македонија го чека светла иднина, ова е веќе стабилна институција која претставува пример на многу организации ширум светот.
Неодамна изјавивте дека во соработка со Владата во подготовка е публикување на цел сет на податоци кои ќе бидат без надомест и ќе го задоволат општиот интерес за слободен пристап до информациите. За што поточно се работи?
Оваа заложба произлезе од Националниот акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020, oсновните податоци за субјектите, како што се ЕМБС, назив, адреса, правна форма (организационен облик), датум на основање, големина, статус (активен/неактивен/во постапка на утврдување/избришан), дополнителни информации (во стечај/во ликвидација) и дејност (шифра и опис) регистрирани во Централниот регистар да бидат јавно бесплатно достапни на интернет страницата на институцијата. Податоците ќе можат да се добијат со внесување на ЕМБС или преку помошен критериум за пребарување дел од називот на субјектот. Ова ќе се реализира како функционалност на новиот портал на ЦР за чија набавка постапка е во тек. Рокот за реализација на порталот е 9 месеци од потпишување на договор, односно граѓаните во блиска иднина ќе бидат уште еден чекор поблиску до остварување на контакт со бизнис заедницата.
Дали се сложувате со мислењето на поголемиот дел од новинарската фела дека сите документи од ЦРМ во иднина треба да бидат бесплатни, како што е тоа случај со некои земји од регионот и западните земји, со цел истражувачкото новинарство полесно да открива коруптивни појави во општеството?
Планирате ли промена во праксата фриленс новинарите, кои не се редовно вработени во одредени медиуми, да можат да добиваат бесплатно документи од ЦРМ?
Податоците за правните субјекти запишани во Централниот Регистар се јавно достапни информации. На барање на новинарите, Владата на седница пред две години одобри Правилник со кој се овозможи бесплатен пристап на новинарите до јавните исправи кои ги издава нашата институција. Со него е пропишан начинот и постапката за добивање бесплатни информации од ЦР. Барањето треба да е писмено, прецизно да содржи што точно се бара, да се наведе новинарот кој ја работи истражувачката сторија и да има печат и потпис од главниот уредник на медиумот во кој што новинарот работи. Не постојат ограничувања колку документи месечно, односно годишно новинарите може да се добијат. Иако рокот за издавање на бараните документи е 30 дена, овие податоци се праќаат за ден, два. Сето ова покажува дека Централниот регистар е максимално транспарентна институција и отворена за соработка со сите засегнати страни.
На регистрите на Северна Македонија и Србија неодамна се приклучија и оние на Република Српска и Црна Гора како дел од Регионалниот портал на бизнис регистри (BIFIDEX). Каков фидбек досега имате од инвеститорите во регионот за неговата работа? Дали се покажа како вистински чекор во насока на формирање на заеднички пазар на територијата на Западен Балкан?
Информациите на порталот за само три месеци без никаков особен маркетинг и промоција беа пребарувани од преку 10.000 посетители од 18 различни земји. Секако, најмногу посетители и интерес има од Србија и Северна Македонија поради тоа што податоците за бизнисите и лицата во моментов се достапни само од овие две земји. Она што особено не радува е дека бизнисмените од целиот регион ни се обраќаат со конкретни барања за специјализирани услуги што им се потребни за водењето бизнис на целиот пазар на Западен Балкан, и BIFIDEX тие услуги во наредниот период ќе им ги овозможи.
Регистар на вистински сопственици е најавен од страна на Владата. Кога може да очекуваме тој да профункционира и колку алатката ќе помогне во борбата со перењето на пари?
Со воспоставување на Регистарот на вистински сопственици, Централниот регистар ќе се вклучи во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам. Воведувањето на регистарот е обврска од новиот Закон за спречување на перење на пари и финансирање тероризам, согласно кој Централниот регистар е обврзан да го воспостави и да го води Регистарот. Имено, сите правни субјекти ќе бидат должни во регистарот да го запишат нивниот краен сопственик – физичко лице, кое има финансиски интерес или остварува каков било вид на контрола врз правниот субјект во Македонија. Правната рамка за воспоставување на регистарот е комплетирана и произлегува од релевантните прописи на Европската унија, за што добивме значителна поддршка од Советот на Европа. Во соработка со ГИЗ, германската агенција за меѓународна соработка, се изработи детална техничка спецификација за системот за управување со регистарот, при што истиот се очекува да биде во функција во четвртиот квартал од оваа година. Правните субјекти ќе имаат три месеци за да го запишат нивниот краен сопственик. Уписот ќе се врши без надомест. Податоците од регистарот ќе бидат јавно достапни за сите, што претставува голем исчекор кон транспарентност во правниот промет. Централниот регистар активно членува и во работната група за вистински сопственици во рамките на европската асоцијација на бизнис регистри, што значи дека регистарот се креира според сите релевантни прописи и стандарди на европско ниво. Целиот процес на развој на правната рамка и самото техничко решение се одвива во тесна соработка со Управата за финансиско разузнавање, бидејќи соработката меѓу овие две институции ќе биде клучна во спроведување на законите. Централниот регистар ќе организира интензивна едукативна кампања за сите субјекти да бидат прецизно запознаени со нивните обврски, начинот на којшто истите ќе можат да ги остварат и за придобивките од регистарот.
Кои се стратешките активности на Централниот регистар во следниов период и како планирате да го развивате во иднина? До каде се активностите во однос на имплементирањето на Заедничката платформа за отпочнување бизнис?
Централниот Регистар важи за една од најдобрите институции во земјата заради својот однос кон корисниците, брзината на нудење на своите услуги, посветеноста за континуирано подобрување на својата работа, а сè со цел подобрување на деловната клима и олеснување на водењето бизнис во земјата.
Oва е потврдено со многубројни признанија, како од домашните испитувања на јавното мислење на директните корисници (деловната заедница, професионалните корисници, адвокати, нотари, банки и останати), така и со меѓународни признанија. Меѓу нив посебно треба да се истакне континуираното рангирање на нашата институција меѓу првите десет регистри во светот во категоријата Отпочнување на Бизнис (Starting Business) на Doing Business извештајот на Светска Банка.
Развојната стратегија на Централен регистар беше донесена во текот на 2018 година. Активната комуникација со донаторската заедница се материјализираа во неколку значајни развојни проекти кои како директен резултат ќе го имаат општото подобрување на деловната клима во земјата и понатамошен раст на бруто домашниот производ.
Една од нашите стратешки активности е воспоставувањето на Регистарот на вистински сопственици за кој повеќе одговорив во претходното прашање.
Друг актуелен проект е Заедничката платформа за отпочнување на бизнис кој претставува заедничка организациона поставеност и технолошка интеграција со стандардизирана размена на податоци помеѓу Централен регистар, УЈП и Агенцијата за вработување со цел задоволување на потребите на субјектите – бизнисите кои се основаат.
Вториот дел од овој проект е целосната замена на постојниот портал на Централен регистар и имплементација на целосно нов сервисен каталог, како и воведување на нови услуги согласно програмата на Владата за отворени податоци и Отворено владино партнерство.
Следен планиран проект е трансформација на Централниот регистар во единствена точка за контакт на деловната заедница и инвеститорите и трансформација во сервисно ориентирана организација.
Уште една стратешка определба е имплементацијата на единствениот регистар на обезбедени трансакции кој треба да даде нов квалитет во пристапот кон кредитирање посебно за малите и средни претпријатија. Со нив под единствен режим треба да се обединат постојните регистри за залог, лизинг, фидуција и продажба со задржување на правото на сопственост, но и поедноставување на постапката за пристап до кредитирање. За реализација на овој проект Централниот регистар е во преговори со Британската амбасада за доделување на финансиска помош.
До каде се активностите во однос на имплементирањето на Заедничката платформа за отпочнување бизнис?
За проектот за заедничка платформа за започнување на бизнис е потребно проширување на интеграциите помеѓу Централниот регистар, Управата за јавни приходи и Агенцијата за вработување со цел на овозможување на симултана регистрација на компанија, ДДВ обврзник и пријава на првите вработени. Пристапот на Заедничката платформа е обид да се одговори на потребите за подобрување на услугите на јавниот сектор кон приватниот, воедначување на постапките, зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците како за јавниот сектор (како давател на услугата), така и за приватниот сектор (како корисник на услугата). Овој проект е заснован на Заклучокот на Влада од 64 седница и во постапка на реализација. Се спроведуваат потребните активности како што се законските прилагодувања кои веќе се реализирани односно донесени, а во тек се техничко – технолошките прилагодувања кои треба да спроведат на страната на засегнатите институции со цел овозможување на двонасочни податочни канали за размена на податоци помеѓу нив. Целосна реализација на проектот се очекува кон крајот на 2019 година. Со реализација на оваа платформа, Република Северна Македонија ќе ја подобри деловната клима и ќе им го олесни патот на домашните и странските инвеститори, со што повторно би се вратила меѓу првите места на рангирањето на Дуинг Бизнис во Категоријата Отпочнување Бизнис.