Апостолска: Владата ги поддржува компаниите да инвестираат и да создаваат нови и добро платени работни места

26 септември, 2019

Владата активно работи на создавање на атмосфера компаниите да инвестираат, да растат и да се развиваат, да создаваат нови и добро платени работни места за граѓаните, порача министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска при денешната посета на компанијата „Мегатехна“ во Скопје, која се занимава со производство на материјали за мебел.

На средбата со менаџментот на компанијата, министерката Апостолска истакна дека со Законот за финансиска поддршка на инвестициите и неговите измени е направен исклучителен прогрес во системот на поддршка на компаниите во реализацијата на нови инвестиции, со што преку конкретни форми на поддршка им се обезбедуваат услови за одржлив раст и развој, како и стимулации за реализација на нови вработувања.

„Владата ја препознава потребата на стопанството за квалитетна и мотивирана работа сила и затоа гради мерки кои ќе понудат значајна поддршка на компаниите и во овој сегмент. Дуалното образование се интегрира во образовниот систем од каде се очекува да се зголеми фондот на квалификувана работна сила, со напредни вештини и знаења, која ќе биде достапна за стопанството“, рече министерката Апостолска.

Министерката Апостолска направи обиколка на производствените капацитети на компанијата, се запозна со развојните планови и модернизацијата на производството, притоа изразувајќи задоволство што може да се увери во реалните придобивки кои ги испорачува Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство