Апостолска: Со цврсти законски гаранции ги олеснуваме и охрабруваме инвестициите на компаниите во технолошко унапредување и отворање на нови работни места

5 декември, 2019

Со цврсти законски гаранции воведовме олеснувања во реализацијата на нови инвестиции, стабилната финансиска рамка за мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите влева доверба и охрабрување кај успешните компании да бидат уште повеќе успешни, технолошки да се унапредуваат и отвораат нови и добро платени работни места, порача министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска при денешната посета на швајцарската компанија „Даниел Рухти “ во Скопје.

„Потребите за континуирано техничко и технолошко унапредување на производствените процеси од страна на компаниите, со цел зајакнување на нивните конкурентни капацитети на светските пазари, беше препознаено од страна на Владата и ставено во фокусот на политиките за поддршка на инвестициите. Воведувањето на нови технологии, повисокиот степен на автоматизација во работењето станува од суштинско значење за развојот на стопанството, затоа со Планот за економски раст се нуди финансиска поддршка за инвестиции кои се реализираат во овој сегмент“, рече министерката Апостолска.

На средбата со менаџментот на компанијата стана збор и за проблемот со работна сила, кој се нотира од страна на бизнис секторот, за што од страна на министерката Апостолска беа информирани за владините програми во делот на дуалното образование и прилагодување на наставните програми во средното стручно образование, со кои на учениците им се овозможува развивање на вештини и стекнувања на знаења преку изведување на практична работа во успешни компании.

Менаџментот на компанијата ја информираше министерката Апостолска за тековните инвестиции со кои го унапредуваат производствениот процес и ја прошируваат палетата на производи кои ги испорачуваат на швајцарскиот пазар.

Во рамки на посетата се направи и обиколка на фабриката, при што од страна на министерката Апостолска беше изразено задоволство од можноста да се запознае со уште една успешна компанија која е корисник на мерки од Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

„Даниел Рухти“ е компанија со странски капитал од Швајцарија, производител на дрвена и ПВЦ столарија, целосно наменета за извоз. Компанијата од 2018 година е корисник на финансиски средства согласно мерките содржани во Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство