Апостолска пред бизнисмените од Прилеп: Економскиот раст и развој на земјава да го поставиме на здрави темели

22 јуни, 2018

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, вчера(21.06.2018) оствари работна посета на Општина Прилеп, каде имаше средби со градоначалникот Илија Јованоски и прилепските стопанственици од Регионалната стопанска комора на Македонија.

pp2

На средбата со градоначалникот Јованоски се разговараше за економските развојни планови на општината и можностите кои со нив се отвораат за привлекување на нови странски инвеститори. Во овој контекст, стана збор за потенцијални локации за реализација на нови гринфилд и браунфилд  инвестиции, како и за капацитетите на локалната бизнис заедница да гради деловни релации со странски компании.

Заедно со претставник на Фондот за иновации и технолошки развој, пред стопанствениците од Прилеп се презентираа мерките за поддршка на инвестициите од трите столба на Планот за економски раст.

Министерката Апостолска истакна дека владините економски политики за стимулирање на инвестициите, кои произлегуваат од Планот за економски раст, нудат силна поддршка и за домашните компании да влегуваат во нови инвестициски проекти, да градат капацитети за освојување на нови пазари и развивање деловни релации со странски компании.

„Она што сакаме да постигнеме е  да ги стимулираме вложувањата на домашните компании во нови проекти, во проширување на сопствените бизниси, во градењето на деловни релации со успешни странски компании, како и во освојувањето на нови пазари. Намерата е економскиот раст и развој на земјава да го поставиме на здрави темели преку успешни интеракции на домашни и странски компани, преку размена на искуства и знаења, преку усвојување на нови технологии“, рече Апостолска пред претставниците на локалната бизнис заедница.

„Денешната средба е во насока на економски раст и развој, што го промовира централната и локалната власт, за што повеќе нови странски инвестиции, за инвестиции во сопствените компании, што живот значат, особено за помалите претпријатија“, рече градоначалникот Јованоски во своето воведно обраќање пред стопанствениците.

Во рамки на работната посета на општината, министерката Апостолска ги посети и компаниите „Гентерм“, „ВИК“ и „Акомпласт“, три странски инвестиции кои работат во ТИРЗ зоната во Прилеп. На средбите со менаџментот на компаниите,  се разговараше за владините политики за поддршка на инвестициите, плановите на компаниите за проширување на своите производствени капацитети и можностите кои истите ги нудат на домашни компании да бидат дел од нивниот ланец на добавувачи.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство