Мисовски: Нашата визија е поинаква, не „твој човек“, туку „твоја држава“, држава во која правилата важат за сите подеднакво, држава во која успехот ќе зависи од знаење, работа и чесност, а не од блискост со власта

31 мај, 2026

Говор на претседателот на НСДП, Горан Мисовски, на Седмиот конгрес на НСДП одржан во Скопје на 31 мај 2026 година

Почитувани делегати,
Почитувани пријатели,
Почитувани претставници на политичките партии,
Почитувани гости,
Почитувани претставници на медиумите,
Добредојдовте на Седмиот конгрес на НСДП.

Одржуваме 7-ми Конгрес на партијата во година во која што ја одбележуваме
и 20 годишнината од формирањето на НСДП.
Во животот годините многу брзо поминуваат и човек има чувство дека
времето лета околу него. И јас и вие сигурно го имате истото чувство. Така
поминаа 20 години откако ја формиравме НСДП, 20 години историја, 20
години прекрасна приказна, но приказна што не сме ја завршиле. Успешна
приказна која што благодарение на вас ќе продолжи да трае.

Во овие две децении покажавме дека можеме да бидеме доследни, дека
можеме да носиме тешки одлуки и дека знаеме како да ја ставиме државата
пред партијата, а граѓанинот пред политиката.

НСДП отсекогаш била партија на социјалната правда, демократските
вредности и европската иднина.
Партија што отсекогаш знаела да застане на страната на работникот,
пензионерот, младите, земјоделците, интелектуалците и сите оние кои сакаат
достоинствен живот.

Низ сите овие години, Нова социјалдемократска партија можеби немаше
секогаш многу пратеници, многу функции, не беше најголема политичка
сила, но секогаш бевме тука кога беше најтешко за државата.
Учествувавме во сите премрежја, во сите тешки моменти и во носењето на
одлуки кои не секогаш беа лесни, но беа важни за иднината на Македонија.
Не бегавме кога беше потребна одговорност.
Не молчевме кога требаше став и не ја ставивме партијата пред државата.

Затоа денес можеме исправено да застанеме пред граѓаните и да кажеме:
Можеби не секогаш сме го избирале најлесниот пат, но секогаш сме се
труделе да го избереме правилниот.

Токму затоа оваа партија има минато со кое може да се гордее и иднина за
која вреди да се бори. Силата на една партија не е во нејзината големина, туку
во нејзините принципи.

Денес со задоволство можам да кажам дека Република Северна Македонија е
дел од НАТО. Тоа не се случи случајно, тоа беше резултат на храброст, визија
и политичка зрелост во која и ние дадовме свој придонес.
И токму затоа имаме обврска јасно и гласно да зборуваме кога државата оди
во погрешна насока.

Почитувани пријатели,
Денес за жал гледаме влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која наместо
решенија нуди конфликти, поделби и враќање на старите политики на страв и
контрола. Слушавме како со години не убедуваа дека тие ќе донесат
финансиска дисциплина, стабилност и економски пресврт, но ништо од тоа не
се случи.

Цените растат, платите не го следат животниот стандард, сметките за храна,
струја и лекови стануваат товар за илјадници семејства. За жал младите
повторно масовно размислуваат за заминување, грѓаните се делат на ваши и
наши, а институциите стануваат заробени од партиски интереси кои
потсетуваат на времето од МВРО ВМРО.

Денес Македонија е една од најзадолжените држави во Европа, со јавен долг
од 11 милијарди евра или преку 60 проценти од БДП.

Најопасно е кога власта зборува за патриотизам, а иднината на државата ја
става под хипотека.Лесно е да се глуми патриотизам со големи зборови, ама изгледа тешко им е
одговорно да креираат економска политика без државата секој ден да тоне во
нови долгови.

Ветуваа правда, а гледаме селективност. Ветуваа економски развој, а гледаме
несигурност. Ветуваа реформи, а гледаме реваншизам и партизација.

Особено загрижува обидот повторно да се создаде атмосфера во која
критиката се доживува како непријателство, а различното мислење како
закана. Демократијата не е молк, демократијата е дијалог.

Почитувани пријатели, на последните избори настапија со слоганот „Твој
човек“. На прв поглед, едноставна порака, но пораката што ја испратија беше
многу опасна, дека за да успееш, не ти треба систем, закон или институција
туку „твој човек“. Токму тоа е најголемиот проблем на македонската
политика со децении. Граѓаните не бараат „свој човек“, граѓаните бараат
функционална држава.

Младиот човек што бара работа не треба да бара партиска книшка,
бизнисменот не треба да бара партиски посредник, пациентот не треба да има
„врски“ за да добие здравствена услуга, земјоделецот не треба да познава
функционер за да го оствари своето право. Кога државата функционира преку
„твој човек“, тогаш институциите умираат.

Е затоа нашата визија е поинаква, не „твој човек“, туку „твоја држава“, држава
во која правилата важат за сите подеднакво, држава во која успехот ќе зависи
од знаење, работа и чесност, а не од блискост со власта.“

Почитувани пријатели, деновиве слушаме големи и драматични изјави од
партијата на власт: „Ќе платиме било каква цена, идентитетот не го даваме“.
Но граѓаните имаат право да прашаат: Кој е тој што ни го го бара нашиот,
македонскиот идентитет и како тоа како европска држава ќе го изгубиме
македонскиот идентитет и кој е тој што предизвикува страв кај македонскиот
народ.

Македонскиот идентитет не се брани со пароли и патетика на
прес-конференции, идентитетот се брани со силна држава, со образование, со
култура, со економија.
Најголемата опасност за идентитетот не е Европа, најголемата опасност е
кога младите си заминуваат, кога институциите пропаѓаат и кога државата
стагнира.

Денес најлесно е да се зборува со големи патриотски зборови и да се создава
впечаток дека ,,тој некој,, и единствено само тој ја брани Македонија.
Сакам да потенцирам еден историски факт што никој не може да го негира, а
е во врска со европската интеграција и заштита на идентитетот, кои што
актуелната власт ги користи за ширење на хистерија и зачувување на
политичкиот рејтинг.

Претходните влади предводени од СДСМ во кои што партиципираше и НСДП
имаа јасен и недвосмислен став, дека ке имаме искрен пристап и нема да го
лажеме народот дека постојат лесни решенија и дека нема да продаваме
лажен патриотизам за дневнополитички поени.
Да, направивме тешки и болни компромиси, но одговорна политика значи да
ја водиш државата напред, а не да ја држиш во изолација заради политичкиот
рејтинг.
Кога некои денес зборуваат дека Европа ни го одземала идентитетот, вреди да
се потсетиме на фактите.

На 13 септември 2018 година тогашниот македонски премиер Зоран Заев за
првпат се обрати на македонски јазик во Европскиот парламент.
Тоа не беше момент на понижување, тоа беше момент на меѓународна
афирмација на македонскиот јазик. Не постоше Македонски граѓанин кој
што во тој момент не се чувствуваше гордо.
Тоа е историски факт, дека токму во европските институции македонскиот
јазик доби најсилна меѓународна потврда.
Македонскиот јазик не исчезна со Европа, напротив се слушна во Европа.
На 26.10.2022 година владата го потпиша договорот за Фронтекс помегу
Европската комисија и Република Северна Македонија на македонски јазик за
оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска
гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.
Потенцирам на македонски јазик.

Почитувани, историјата не ги памети политичарите што правеле анкети пред
секоја одлука, историјата ги памети оние што имале храброст да преземат
одговорност кога било најтешко.
Храбрите политичари носат тешки одлуки затоа што мислат на иднината на
државата. Политичките калкуланти носат одлуки само ако им носат рејтинг.

Пред крајот ке ми дозволите со оглед на моето долгогодишно искуство во
политиката да пратам една порака до моите политички конкуренти, не
непријатели, затоа што навистина дел он нив ги сметам за пријатели.
Во историјата постојат моменти кога народите морале да поминат низ тешки
и болни премини за да стигнат до својата иднина.

Кога Ханибал тргнал кон Алпите, многумина верувале дека патот е
невозможен. Студ, жртви, отпор, неизвесност. Но знаел дека зад тие планини
се наоѓа иднината на неговата борба. Ова го говорам само како метафора за
храброст, иако целта не била постигната. И Македонија изминатите години помина низ свои политички Алпи,
донесовме тешки одлуки и болни компромиси.

Но денес мора искрено да си признаеме, тие одлуки не беа донесени за да се
избрише Македонија, туку за Македонија конечно да тргне напред.
Имајте храброст, не ја водете државата со калкулатор и страв од анкетите,
затоа што најголемиот ризик за една држава не е храбрата одлука,
најголемиот ризик е калкулантска неодлучност.Господине Мицковски не ја оставајте Македонија во подножјето на Алпите,
затоа што не дај боже може лавина да ни ја однесе.

Почитувани пријатели, денес НСДП ќе избере раководство, претседател,
членови на ЦО и НО и ќе донесе три важни документи:
1. Декларација за заштита на трудот и заштита на работниците.
Ова не е формален документ, ова е политичка и морална обврска, обврска да
го вратиме достоинството на трудот, да обезбедиме сигурност за работниците
и да изградиме систем во кој работата се вреднува, а човекот се почитува.
Ќе се бориме за праведни плати, за сигурни работни места, за почитување на
колективните договори и за институции што ќе застанат на страната на
работникот, а не против него.

2. Декларација за намалување на прекарната работа
НСДП е против работа без сигурност, без перспектива и без достоинство. Сѐ
повеќе луѓе работат на определено време, на договори на дело, на
привремени ангажмани каде работниците работат без основни права и
заштита.
Овие форми на вработување не ретко се злоупотребуваат и се користат како
механизам за политички притисоци и уцени. Ова мора да престане.
НСДП ќе се бори за трансформација на несигурните работни односи во
стабилни и достоинствени работни места, за систем во кој секој работник ќе
има сигурност, предвидливост и права.

3. Етички кодекс на партијата
Целта на кодексот е воспоставување на високи стандарди во политчкото
делување, заштита на угледот и интегритетот на партијата, обезбедување
отчетност и одговорност на носителите на функции.
Водени од принципите содржани во мотото и паролата од првиот конгрес на
НСДП ,,Силно и чесно,, членовите и функционерите на НСДП се обврзуваат
своето делување да го насочат кон остварување на јавниот интерес и градење
на праведно, еднакво и солидарно општество.

Почитувани делегати, овој конгрес нека биде почеток на нова енергија и нова
доверба, да покажеме дека постои политичка сила што може да обединува, а
не да дели, да покажеме дека Македонија може подобро со чесна работа, со
јасен став, со храбри луге кои не се плашат да ја кажат вистината.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство