Мираковска: Претседателот на Собранието има двојни аршини, за каков закон и за која комисија се работи

15 јануари, 2025

Одговорноста за прекршувањето на процедурата во Собранието, и интерпелацијата на претседателката на собраниската комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути, е кај собранискиот Спикер Африм Гаши, тврди пратеничката од НСДП Соња Мираковска. Во вечерашната Топ Тема на Телма, Мираковска порача дека целиот овој процес изгледа како Гаши да се затсркива зад Даути, бидејќи во крајна линија тој како претседател на Собранието требало да ја закаже седницата на комисијата на која ќе се расправа за законот за бранителите.

Има две прекршувања, да ја оставиме Илире Даути за која имаше епилог од интерпелацијата, но има и прекршување од претседателот на Собранието, кој во исто време закажа и Комисија за финансирање и буџет наместо претседателката Сања Лукаревска. Значи, претседателот веќе има двојни аршини, за каков закон и за која комисија се работи. Кога станува збор за првото прекршување, секогаш постои можност интерпелација полесно да помине на пленум за некој кој е претседател на комисија од опозиција отколку од позиција и овде треба да го имаме механизмот да не се случи лесно да паѓаат претседателите на комисиите од опозицијата а да не помине интерпелација на претседател од мнозинството. Тој механизам треба да го имаме, рече Мираковска.

Пратениците од мнозинството очекуваат Даути да си поднесе оставка како претседателка на комисијата, иако таа веќе порача дека нема да го направи тоа, и Европскиот фронт да предложи нов кандидат од редовите на нивната пратеничка група.

Во нормалниот демократски развиен свет доколку ти изгласаат интерпелација со која се утврдува дека имало прекршување на процедурата, не се размислува дали некој треба или не треба да поднесе оставка. Туку тоа е нормален морален чин, и очекуваме Илире Даути да поднесе оставка со што ќе ја отвори постапката за именување на друг претседател на комисијата. Европскиот фронт треба да даде друго име и да го изгласаме тоа име, рече шратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.

Карапејковски од ЗНАМ смета дека и за Европскиот фронт, но и за функционирањето на самата комисија ќе биде најдобро од коалицијата да предложат ново име. Во спротивно, продолжи тој, тие ќе поднесат предлог за разрешување на Даути.

Илире Даути не може да биде веќе претседателка, мислам, на сите околу тоа се согласуваме, нема никаков легитимитет. Нема легитимитет да ја води таа комисија. Како ќе постапи претседателот на Собранието? Тоа е веќе во рамките на тоа како тој мисли дека деловничките определби него го засегаат. Јас не можам во име на пленумот да го толкувам Деловникот, јас да сум претседател на Собранието можам да ви кажам што би направил. Би ја земал таа одлука, преку Архива би ја пратил до Претседателот, претседателот на Собранието мисли дека нема такво задолжение, не стои тоа вистина во заклучокот, дали треба да стои или не тоа е друга работа, јас мислам дека и тоа експлицитно треба да биде наведено, и сега тоа повторно е еден технички и правен лавиринт, рече Карапејковски.

Мираковска смета дека Гаши бил должен да го премости проблемот, а за тоа дали од Даути ќе се бара одговорност можело подоцна да се заврши, откако ќе била одблокирана комисијата. Исто така, таа смета дека требало веднаш по конституирањето на овој состав на Собранието да се седне и разговара за Деловникот, за сите процедури и да се расчистат сите дилеми.

Не можеме да се доведеме во ситуација само службите да ни го толкуваат Деловникот, тоа се наши правила, требаше по завршување на процесот Жан Моне да седнеме и разговараме за целиот Деловник за да немаме вакви дилеми. Тоа не се случи, но не е доцна, помината е само половина година. Претседателот на Собранието ќе треба да направи една таква консултација со сите пратенички групи а не постојано да имаме изненадувања, рече Мираковска.

НАШИ ПРИОРИТЕТИ

И трудот е капитал

Вработување

Енергетика

Земјоделство