Почитувана министерка за култура, г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска,
Почитуван градоначалник на Охрид, г. Кирил Пецаков,
Почитуван директор на Националната институција, Центар за култура „Григор Прличев“, г. Горан Симоноски,
Почитувани уметници,
Драги пријатели и љубители на народната музика и игра,
Почитувани медиуми,
Дами и господа,
Екселенции,
Дозволете од име на Собранието на Република Северна Македонија и од име на претседателот Џафери да изразам искрено задоволство што вечерва ја имам честа да бидам присутен на свеченото отворање на најстариот меѓународен фестивал од ваков вид на Балканот, Балканскиот фестивал на народни песни и игри кој што вечерва, на голема радост на сите љубители го бележи своето 61-то издание.
Драго ми е што можам да ја искажам мојата искрена радост што вечерва сум во нашиот преубав Охрид во име на Собранието на Република Северна Македонија, кое што е горд покровител на оваа прослава на животот низ песни и танци, затоа што славењето на животот преку уметноста и артистичкото изразување е најубавиот начин на градење на пријателски мостови со целиот свет. Тоа е уште еден вид на дипломатија и промоција на секоја држава, на секоја нација, а несомнена вистина е дека секоја земја, секој народ, секој уметник – поединец има што да понуди, покаже и со тоа го привлече нашето внимание и ја заслужи нашата почит.
Собранието на Република Северна Македонија, како претставнички дом на сите граѓани на нашата преубава земја кои се од различно етничко потекло, има огромна почит кон оваа манифестација која овозможува афирмирање и промовирање на различните културни богатства на народите на Балканот, а и пошироко. Нивното промовирање преку музика, песни и танци е голема умешност и јас ги охрабрувам сите вклучени институции и присутни изведувачи и во иднина да продолжите со зачувување и промовирање на овој фестивал а ние ќе бидеме до вас за заедно да им ја всадиме љубовта кон народните песни и игри на младите генерации, за чувството на гордост и задоволство од посебноста на нашето придонесе во нивната толеранција и изразување на почит и кон различното. Би сакал да упатам честитки и до Националната установа, Центар за култура „Григор Прличев“, до директорот и целиот тим за континуитетот, посветеноста, грижата и љубовта што ја вложуваат во одржувањето во живот на оваа прекрасна манифестација, во одржувањето на фолклорните, етнолошките, традиционалните, обичајните, културните и над сè, пријателските врски со сите земји од блиското и подалечното соседство на Балканот, чии што фолклорни претставници ќе продефилираат овие денови по калдрмата на древниот Охрид. Нивните ора и песни ќе одекнуваат од оваа величествена и единствена сцена на Долни Сарај, и ќе ја нарушуваат езерската тишина пренесувајќи ги прекрасните звуци на сите страни на светот. Собранието на Република Северна Македонија, меѓу другите свои надлежности, има чест да биде дел и од ваквите традиционални и за наша среќа, долговечни културни настани кои го зачинуваат секојдневието на нашите граѓани со прекрасните автентични звуци, игри, танцови и традиционални носии кои имаат волшебна моќ барем за миг да не пренесат во различни светови, култури, обичаи. Ние вечерва, ќе бидеме почестени со маестралноста на Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“ од Скопје, кои преку специфичниот ритам и мелос, преку разиграното шаренило на автентичните везови и фолклорни детали, ќе ја потврдат својата отвореност и почит кон културните вредности на другите а нам ни преостанува да уживаме и да го следиме нивниот настап со должно внимание и почит, учејќи и запознавајќи при тоа нови димензии на човечкото коегзистирање. За мене, нивната мисија е благородна и ја заслужува сета почит затоа што тоа го прават на толку природен, лесен, ненаметлив начин а толку благопријатен за очи и душа и додека ја пренесуваат до нас таа универзална порака на прифаќање на различностите, стануваат вистински амбасадори на културното богатство на нашиот народ. Музиката, фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија и се дел од светското културно наследство меѓутоа, во исто време, тие претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет. Вредности кои нашите предци векови наназад знаеле и успеале да ги сочуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации како дел од нашиот национален и културен идентитет. А секој народ има нешто посебно со што се гордее и што му ја грее душата, нели?
Дозволете на крај на сите автентични претставници на светската фолклорна ризница да им посакам незаборавен престој во балканскиот бисер – преубавиот Охрид, кој што срдечно и топло ги рашири рацете и ги отвори портите за да ги прими во своето недро.
Ви благодарам на вниманието и имајте убава вечер.