НСДП денеска, 17 декември 2016 година, во ресторанот „Национал“, во Скопје, прослави 11 години од основањето на партијата.
На прославата свое свечено обраќање пред членовите имаше претседателот Тито Петковски, кој изрази задоволство од тоа што НСДП 11 години опстојува на политичката сцена на локално и национално ниво.
„Имавме многу падови и подеми, но сепак останавме на нозе, секоја година не има се повеќе и повеќе, а она кое не им успеа на многуми на нас ни успеа. Од основањето до денес, ние континуирано имаме свои претставници во парламентот, не има и во локалните совети низ целата држава. Едноставно, НСДП дава препознатлив белег на целокупниот политички простор во државата“, рече Петковски.
Осврнувајќи се на последните парламентарни избори, Петковски им порача на членовите на НСДП да бидат горди на постигнатиот резултат.
„Диктатурата падна, на овие избори победи опозијата на која припаѓа и НСДП. Овие избори беа референдум на кој граѓаните покажаа синергија за промена на политичката карта во Македонија, се појави нуклеусот на граѓанското општество“, рече Петковски
Тој додаде дека и на Груевски му е јасно дека неговите коалициони капацитети се исцрпени, односно дека е далеку од можноста да формира влада.
„На самиот Груевски му е јасно дека вратите на власта му се затворени, и сега како давеник се обидува да се фати за сламка, односно посегнува кон воинствена и националистичка реторика за пред јавноста да го камуфлира стравот од тоа дека дојде моментот кога ќе треба да се одговара и правно санкционира за сите злодела кои беа направени во изминативе десет години“, рече Петковски апелирајќи до членовите да останат со студени глави и да не подлегнуваат на валканите игри кои се креираат во ВМРО-ДПМНЕ.